Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување индиректно ги дискриминираат пензионерите што живеат во странство, кои останаа без мартовското покачување од 2.500 денари.
Спорниот член условува исплата на покачувањето само за пензионери кои живеат во земјата, што ги става во нееднаква положба со останатите. Комисијата препорача Министерството за социјална политика и Собранието во рок од 180 дена да го изменат законот.
Доколку тоа не се случи, ќе следува прекршочна пријава, а препораката може да се користи како силен доказ за дискриминација и пред национални и европски судови.
Министерството за социјална политика, Собранието и Фондот за ПИОМ досега не ја прифатија дискриминацијата, посочувајќи дека законските измени се донесени за заштита на вредноста на пензијата во земјата и дека фондот само го спроведува законот.
Комисијата, меѓутоа, нагласува дека ограничувањето било воведено по исплатата на мартовската пензија, што го прави неосновано.
