Финансиската полиција пронашла 19 фалсификувани банкарски гаранции кои компанијата „Тритерол” ги употребувала во разни институции за да добие или учествува на тендери за јавни набавки. На тој начин оваа скопско-неготинска фирма направила незаконски профит од околу милион евра -дознава Телма од извори во истрагата. Фалсификуваните 19 банкарски гаранции се употребени при тендери во 12 јавни и државни институции.
Банкарската гаранција била услов за навремено и квалитетно исполнување на условите за јавната набавка… Фирмата „Тритерол“ е во сопственост на Љупчо Пецов викан Ѓаволот кој беше во бегство и на потерница во рамки на истрагата „Синџир“ за даночни кривични дела. Иако беше на потерница, Телма веќе објави дека Пецов слободно се шеташе по Скопје.
Фирмата „Тритерол петрол“ беше поврзана со фирмите „Ангел петрол“ и „Алма транспорт“ познати во случајот „Керозин“ од 2012 година за точење помало количество нафта отколку предвиденото со договорите за јавни набавки. Штетата предизвикана во буџетот, според тогашното обвинение беше речиси 3 милиони евра.
