Пазарната инспекција мора да биде на терен и да следи дали ќе има скок на цените во периодот кој доаѓа, а Владата мора да биде подготвена да интервенира, иако краткорочните мерки не даваат значителни резултати е ставот на Организацијата на потрошувачи. Од економија велат дека се во контакт со инспекциите но не откриваат дали и какви мерки би се примениле.
Во пресрет на новогодишните празници надлежните институции и инспекции мора да бидат присутни на терен и да ги следат цените, особено на прехранбените производи, за да може навремено да интервенираат доколку дојде до нагло поскапување, сметаат од Организацијата на потрошувачи откако владата најави дека краткорочни мерки, како што беше минатогодишната новогодишна кошничка нема да има.
„Ако се следат цените тоа треба да се прави навистина ефективно и во овој период инспекцијата постојано да биде на терен и да согледува дали има покачување на цените и да се види дали има раст или не. Доколку се носат такви краткорочни мерки сметаме дека тоа треба да биде од некој период малку поназад, месец или два кога цените не биле толку високи како во другиот период кога ќе се покачат“, смета Татјана Тасевска од Организација на потрошувачи (ОПМ).
Од министерството за економија се на став дека краткорочни мерки како празничните потрошувачки кошнички нема да има, бидејќи анализите покажале дека инфлацијата е стабилна и нема раст на цените. Од економија ќе чекаат на аларм од пазарната инспекција доколку цените нагло се покачат.
„Ние и понатаму ги следиме цените, гледате дека горе долу е стабилизирана инфлацијата со благ пад. Доколку утврдиме дека има такви непазарни, нелогични зголемувања на цените понатаму ќе размислуваме со какви мерки доколку има. Сега засега нема да има мерки да напоменам. Ќе одлучиме како да дејствуваме како Влада и како министерство за економија и труд“, истакна Марјан Ристески, заменик министер за економија (17.11.2025).
Долгорочни мерки односно стратегија ќе дадат многу подобри резултати и ќе се спречи скок на цените како што се случува по истекот на краткорочните мерки.
„Организацијата на потрошувачи и тогаш кога беа носени тие краткорочни мерки сметаше дека нема да дадат голем ефект бидејќи најчесто беа носени кога цените беа покачени и високи беа цените а после еден два или три месеци кога ќе престанат да важат тие мерки веќе рапидно се зголемуваат цените што значи дека сметаме дека ако веќе се носат некакви мерки треба да бидат подолгорочни и да има ефекти врз цените и граѓаните тоа да го почувствуваат“, додава Тасевска.
Во организацијата во последниот период добиле десетици поплаки од граѓани на нагло зголемување на цени на неколку прехранбени производи.
Огнен Чанчаревиќ
Б.С.
