Дека живеат со глувци, студентите во домот „Пелагонија“, потврдуваат со ова видео кое го споделија со екипата на Телма. Вознемирени велат дека се плашат да престојуваат таму. Иако не сакаа да зборуваат пред камерата, велат дека оваа ситуација трае со денови. Од управата на домот кажаа дека размножените глувци од денес се ловат со стапици, а утре ќе се спроведе целосна дезинфекција и дератизација на просторот.
Во меѓувреме, во студентскиот дом „Гоце Делчев“, студентите се соочуваат со друг проблем – нефункционални лифтови. До пред неколку дена, во блок Г не работел ниту еден од двата, по што по бројни реакции, еден е повторно ставен во функција.
„Кај мене во блок Г, двата лифта заедно работеа само првата недела од октомври. Потоа во функција остана само еден, а кога се расипа и тој, цела недела немаше дојдено мајстор за поправка. Дури по една недела дојдоа мајстори, но поправката беше краткотрајна, бидејќи веќе истиот ден повторно се расипа. Овој начин на поправка се повторуваше неколку дена. Сега конечно имаме еден лифт кој три дена работи без прекин.“, ни пиша студент сместен во „Гоце Делчев“.
Директорот на Државниот студентски дом, Александар Каровски вели дека редовно се врши сервисирање на лифтовите и најави дека до крајот на годината сите ќе бидат функционални.
„Во секој блок работи по еден лифт. До октомври работеа сите 8 лифта. Сега се работи на поправка на расипаните лифтови и за кратко време сите ќе бидат ставени во употреба“, соопшти Александар Каровски, директорот на Државен Студентски дом.
Ова не е првпат студентите да се жалат на условите од домовите. Студентите од „Пелагонија“ пред некое време се жалеа од лоша хигиена, неисправни лифтови и немање топла вода. Оние од „Гоце Делчев“ пак и претходно реагираа дека поради неисправни лифтови се принудени да одат пешки до 14кат. Надлежните и тогаш уверија дека проблемите наскоро ќе се решат.
Тамара Марковска
