Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против осум поранешни функционери и службеници од Општина Сарај и Град Скопје, како и против еден надзорен инженер, поради сомнение за злоупотреба на службената положба, несовесно работење и фалсификување или уништување на деловни книги.
Според информациите од Управата, пријавените лица, иако биле свесни дека за катастарската парцела во Сарај не постои детален урбанистички план, изготвиле и одобриле документи со невистинита содржина, вклучително и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште.
Надзорниот инженер, исто така, направил технички преглед и изготвил завршен извештај со неточни податоци. На тој начин, се наведува во соопштението, правниот субјект „Азра Идриз“ ДООЕЛ од село Глумово, Скопје – Сарај, се стекнал со противправна имотна корист од речиси 2 милиони евра. Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство – Скопје.
Т.Д.
