Вести Култура Македонија Топ вести

Згаснува Агенцијата за поддршка на туризмот – 30-тина вработени преминуваат во Министерството за култура и туризам

Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот престанува да постои како самостојна институција и ќе биде во состав на Министерството за култура и туризам, што е официјализирано со измените на Законот за туристичката дејност што вчера беа усвоени во Собранието. Триесетина вработени во Агенцијата ќе бидат префрлени во секторот за туризам на Министерството кој ќе има и нови простории за што нема да се плаќа кирија како досега во Градскиот трговски центар.

„Сите постапки и сите вработени ќе преминат на една адреса, а тоа е Министерството за култура и туризам. Се надевам дека после осумте дена по објавувањето во Службениот весник, ќе пристапиме кон преземање на вработените, на имотот, сѐ она што поседува Агенцијата за поддршка на туризмот. Сите адреси ќе бидат упатени само кон една институција и повеќе нема да се плаќа кирија, којашто ја плаќаше Агенцијата за поддршка на туризмот во ГТЦ, туку обезбедивме и нови просторни услови – првите два ката во зградата што сега ја користи Министерството за енергетика. Така што и тука ќе се намалат трошоците, ќе добиеме многу посоодветни услови, поцентрално место, повидливо и, конечно, сега продолжуваме комплетно како Министерство за култура и туризам“, изјави министерот за култура, Зоран Љутков.

Со ребалансот на буџетот наменет за Агенцијата за поддршка на туризмот, во Министерството за култура и туризам дополнително се обезбедуваат 605 милиони денари или околу 10 милиони евра. Тие се распределени во неколку ставки и ќе бидат искористени за поддршка и промоција на културата и туризмот – за активности на Плаошник, на Скопското кале, за Агенцијата за филм, итн.

Министерот соопшти дека е формирана работна група за унапредување на дејноста туристичките водичи на состанок што го имале со нив и со здруженијата од државава. Паралелно со подготовка на нова стратегија за културата, по истекот на претходната во 2022, Министерството подготвува и Стратегија за туризмот за периодот 2027-2032.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски: Проширувањето е живо, а европските лидери го покажуваат тоа

Дејан Дејан

(фото)Повеќе од 330 основци учествуваа на церемонијата на менување на државното знаме во претседателскиот кабинет

Дејан Дејан

Ќе се отвори ли конечно „Маркова Нога“, ова  е сепак Балкан вели за роковите евроабмасадорот Рокас

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе