Незадоволни од поддршката на годишните конкурси и од условите за работа, претставници од независната сцена беа на разговор во Министерството за култура и туризам. Според министерот Љутков, ова била втора средба по реализираната лани.
„Барањата, се разбира, се за поголема поддршка во делот на финансирањето и обезбедување на соодветни услови за нивно претставување. Бидејќи знаете дека 90% од капацитетите кои што ги имаме се однесуваат на националните установи“, рече Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
Љутков не кажа што се договориле. Но, од „Центар Јадро“ за Телма велат дека два и пол часа поминале во конструктивни разговори и дека тие ќе продолжат. Од „Јадро“ се надеваат на позитивен исход. А, министерот, кој денеска потпиша договор со градоначалникот на Општина Аеродром, за реконструкција на простор во населбата Ново Лисиче, за мултифункционален центар, за чија прва фаза ќе бидат издвоени 99 милиони денари, рече дека ова е ново поглавје за општината, која што немала вакво место до сега и дека тоа особено ќе се користи за потребите на независната сцена.
„Ќе содржи киносала со 245 столчиња, простор за изложби, мултимедијален дел, комплетно опремен со сценска технологија , озвучување и осветлување“, кажа Дејан Митевски, градоначалник на Општина Аеродром.
Мултифункционалниот центар ќе биде на површина од 1.400 метри квадратни. Се очекува да биде готов за две и пол години, а ќе го менаџира ЈП при Општина Аеродром.
Сотир Трајков
