Uncategorized

Развој на наменска индустрија за да се ќари од зголемените трошоци за одбрана

Pancir, namenska industrija

Зголемувањето на трошоци за одбрана до 5 отсто од БДП се инвестиција во безбедноста, но и можност за развој на економијата, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

На Самитот во НАТО во Хаг, членките се согласија да ги зголемат трошоците за одбрана до 5 отсто од БДП до 2035 година. Од нив, 3,5 отсто за основна одбрана, а 1,5 отсто за безбедносни инвестиции. За Македонија за неколку години тоа ќе значи трошоци за одбрана од над 1 милијарда евра годишно.

Со оглед на тоа што земјава нема одбранбена индустрија, овие пари треба да ги троши на увоз на оружје. Но, шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски ја гледа шансата во развој на воено-наменската индустрија затоа што и останатите членки на НАТО треба да ги зголемат трошоците за одбрана.

„Треба да имаме за цел да имаме посилна индустриска база во делот на производство на наменска опрема во нашата држава. Тоа ќе отвори одлични работни места, а ќе биде и во насока на потребата од диверзификација на производствените капацитети во нашата држава. Ние во моментов сме високо зависни од автомобилската индустрија на пример, којашто гледате на глобално ниво има свои шокови во одредени моменти. И зошто да не биде, меѓу другото, во делот на таа диверзификација на којашто работиме, покрај фармацевтската индустрија, покрај ИТ индустријата, покрај други индустрии да работиме на привлекување на нови инвеститори во наменската индустрија“, вели Муцунски.

Според него, треба да се инвестира во компјутерска безбедност и во иновации во делот на безбедноста.

Професор Борче Треновски вели дека уште од сега треба да почнеме да работиме на тоа барем дел од зголемените трошоци за одбрана да завршат во земјава.

„Ние во таа насока треба да почнеме посилно да размислуваме. Воена опрема на пример не произведуваме премногу, меѓутоа во истражување, развој и инфраструктура можеме да вложиме. Во иднина би требало, со цел да ја поврземе домашната економија и да му помогнеме и на приватниот сектор и да имаме бенефит од овие инвестиции во одбраната, треба да бидат во сектори каде што имаме компаративна предност и да бидат пред сè во истражување, развој и опрема. На пример во делот на текстилната индустрија огноотпорни униформи, во ИТ делот за комуникации итн“, вели Треновски.

Некогаш големата воено-наменска индустрија за производство на муниција и композитни материјали со години се намалуваше, а почна со поголемо производство со зголемување на побарувачката поради војната во Украина.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ТИСИОН – КИНОТО ОД АТИНА – сабота, 28 јуни 2025 -17:05

Дејан Дејан

Кочоска – Димитриеска за Телма: ЕБРД изразила интерес за финансирање на пругата од Табановце до Гевгелија

Дејан Дејан

Зголемен број на колапси кај младите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе