Полицијата уапси 33-годишен велешанец кој бил креатор на ФБ страната “Библиска Македонија” и заплени 5 тегли со по 31 библиски стих во нив, објави МВР на својот веб сајт со детали за оваа религиозно-полициска операција.
Епархијата ја пријавила ФБ страницата „Библиска Македонија“ во полицијата, бидејќи според свештените лица од почетокот на годината на неа се „објавувале религиозни содржини, пораки и кратки исечоци од веќе објавени беседи на Владиката Јаков“, а во мај почнале да продаваат лажни реликвии, тегли со молитви при што ги злоупотребувале името и авторитетот на владиката и епархијата.
Сето тоа било измама, а велешанецот заедно со неговата 26-годишната сопруга дури продавале од „теглите со молитви“ на блиски на загинатите во пожарот во Кочани. Полицијата ги привела двајцата сопружници.
Ова е еден од ретките случаи кога полицијата успеала да открие, уапси и осомничи измамници кои злоупотребуваат туѓи податоци на интернет во случаи на тргвија со сомнителни предмети и препарати. Претходно, МВР не успеваше да открие кој злоупотребува податоци, видеа и изјави на доктори по медицина, политичари, новинари и други јавни личности.
Во продолжение, соопштението на МВР:
На 20.05.2025 во СВР Струмица, претставник на МПЦ – OA – Струмичка Eпископија пријави дека од почетокот на 2025 до 20.05.2025 на социјални мрежи се појавила фан страна со назив „Библиска Македонија“ каде се објавувале религиозни содржини, пораки и кратки исечоци од веќе објавени беседи на Владиката Јаков.
Исто така, според пријавеното, на страната почнала да се врши продажба на мали тегли со по 31 стих од Библијата, како и религиозни книги кои биле претставени како да се со благослов од Владиката Јаков. Имено, за теглите пишувало и во комуникација на луѓето им било кажувано дека седеле во манастирот во Ново Село и дека биле благословени од владиката. На тој начин, луѓето се доведувани во заблуда да ги купуваат таквите работи, а дека средствата од продажбата ќе бидат употребени во донации за топол оброк за лица бездомници.
Веднаш по пријавата, полициски службеници од СВР Струмица презеле мерки за откривање на сторителите, по што, со судска наредба, полициски службеници од СВР Струмица и СВР Велес извршиле претрес во домот на Д.С.(33) од Велес.
При претресот се пронајдени и одземени пет мали тегли со пишан цитат од библијата и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. Д.С. е лишен од слобода и со него е извршен службен разговор. На 21.05.2025 во СВР Велес била повикана и Р.С.(27) од Велес, сопруга на Д.С., со која бил извршен разговор во врска со делото.
Запознаен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по документирање на случајот, против Д.С. и Р.С. ќе биде поднесена соодветна пријава.
Миомир Серафиновиќ