Култура

Вечерва отворање на изложбата „ Ткаење светови“ во Модерна галерија во Љубљана

Големата изложба „Ткаење светови: Колекции во разговор“ со уметнички дела од 87 автори од колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје, ќе биде отворена вечерва во Модерна галерија (и Музеј на современа уметност Метелкова), во Љубљана- Словенија. Изложбата ќе ја отворат директорите на двете институции Тихомир Топузовски и Мартина Вовк. Куратори на изложбата се Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски од МСУ и Бојана Пишкур од Модерна галерија.

Делата во Љубљана ќе бидат изложени десет месеци, до 8 февруари 2026 година. Изложбата е дел од програмата од национален интерес на Министерството за култура и туризам на РС Македонија и конципирана е како реципрочна. Па, дела од колекцијата на словенечкиот музеј наесен ќе бидат изложени во МСУ-Скопје.

Во „Ткаење светови: Две колекции во разговор“ се вклучени дела од автори, од кои најмногу се од Македонија и од речиси сите поранешни југословенски републики, дополнети со дела од уметници од Бразил, Полска, Боливија, Судан, Уругвај, Албанија, Јапонија, Јужноафриканска Република, Иран, Куба, Шпанија и од Романија. Изложбата е конципирана како конструктивен дијалог помеѓу специфични колекции – колекцијата на солидарноста на МСУ-Скопје и колекцијата „Артист 2000+“ како и националната колекција на Модерна галерија, Љубљана. Таа ги истакнува делата изработени од природни материјали, како и дела кои го одразуваат ангажманот на уметниците со природата.

  • Нагласен е делот на наивната уметност. Вака селектирана и поставена, изложбата отвора процеп за создавање поинаков свет помеѓу западноцентричниот светоглед и специфичниот поглед кон локалните тенденции, наспроти дела кои реферираат на поднебјето кое ги изртило и каде има континуитет на изработка. Тука се делата на наивната уметност и природните материјали кои изобилуваат, земја, сено, ливадско цвеќе, но вклучени се и фотографии од документирани акции во природа и критички настроени инсталации кон екстракцијата и уништувањето на природата, објаснуваат кураторите.

„Ткаење светови: Колекции во разговор“ се фокусира на еманципацијата на уметничките медиуми, истражувајќи го односот помеѓу културата и природата, додека критички се осврнува на горливите еколошки прашања од времето на Капиталоценот. Изложбата во Љубљана зборува преку три сегменти: „Заборавен свет“, „Свет налик“ и „Свет во настанување“. Во првиот се селектирани дела изработени од природни материјали (земја, вода, отфрлени дрва, волна, живиот свет или пак реферираат на нив во конципирањето). Вториот го градат инсталации, инспирирани од односот кон природата, тематски или визуелно, користејќи ги ресурсите на локалното поднебје, на некаква локална продукција која секогаш била во спрега со традиционалното (означено како народна традиција). Третиот дел го градат дела од наивната уметност и дела кои се стремат кон враќање на односот кон природата, со критички аспект кон индустријализацијата и искористувањето на природата.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Проблемот со платите во културата на пратенички прашања

Дејан Дејан

Во Битола ќе се одбележи Меѓународниот ден на џезот со концерт на Филип Динев Трио

Дејан Дејан

Промовиран романот „Јод“ од Снежана Младеновска Анѓелков

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе