Вести Култура

Синдикатот за култура бара почитување на колективните договори и на законите

Министерството за култура и туризам не го исполни ветувањето дадено за време на Велигденските празници, за исплата на мартовски плати на вработените во институциите од културата, согласно Колективниот договор за култура и порастот на минималецот, со што примањата треба да им се зголемат за 8,5%. Затоа Советот на Синдикатот за култура (СКРМ), во проширен состав, денеска протестираше пред ресорното министерство, со скандирања „Плата сега“, транспаренти, свирежи од свирчиња и пуштање класична и жестока хард рок музика. Претседателката на СКРМ упати неколку барања до надлежните.

„Бараме да се почитуваат колективните договори и законите. Бараме достоинствени услови за работа и достоинствен однос кон народот, кој што е дел од самата култура како величие- публиката. Бараме транспарентност и професионално управување со културните институции, ослободени од партиска контрола. Бараме стратегија за развој на културата и Закон за култура со учество на културните работници во нивното изготвување. Бараме соодветни унапредувања на вработените и валоризација на стручните звања. Бараме крај на понижувањето“, изјави Вера Атанасовска, претседателка на СКРМ.

Уметниците и културните работници се заштитени и со Општиот колективен договор, со кој што лани добија уште 10% зголемување на платите. Но, денеска, како што кажа претседателката на СКРМ, од министерството добиле нови насоки за пресметка на платите што не се исти со тие од пред Велигден.

„Сега се доставени сосема нови пресметки, со нов начин на пресметување на тие 10% спорни од Општиот колективен договор за култура. Колку што сме информирани, институциите уште не почнале со подготовка на платите бидејќи насоките се нејасни“, вели Атанасовска. А, од СОНК велат дека недореченостите во пресметката на платите би значеле повторно скратување на соодветните суми, во зависност од работното место. СОНК предлага трајно решение, со тоа што постоечките коефициенти на сложеност по работно место, со измени и дополнувања на Колективниот договор да се зголемат за 10,7%, како право од Општиот колективен договор.

Советот на СКРМ ќе ги разгледа новите насоки за пресметка на платите и ќе ја информира јавноста утре, дополни Атанасовска. Проблемот со исплатата на мартовските плати во културата трае од пред четири години. На ланскиот, а и на денешниот протест се обрати и претседателот на ССМ, Трендафилов.

„Минатата година кажав дека денеска ние дојдовме некој да го фатиме, да плати. Кој ќе го фатиме, тој ќе плати. Денеска го фативме министерот за култура да плати. Извини Зоки, морално беше“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Министерот Љутков им се извини на колегите на првиот ден од Велигден за неисплатените плати и кажа дека тоа е поради долгогодишниот, нерешен проблем со усогласувањето на платите. За конечно и трајно да се надмине овој предизвик, како што кажа тој, морало да се усогласат сите засегнати страни. Но, Љутков не прецизира кои се тие страни и како ќе се усогласат платите.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обвинителството го оформи предметот по бурните реакции за токсичната прашина од РЕК Битола

Дејан Дејан

Поради израелската блокада во Појасот Газа нема вакцини против детска парализа

Дејан Дејан

По велигденското примирје Русија за едно деноноќие фрли 130 бомби и 77 дронови врз Украина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе