Секогаш е присутен идеалот да го остварам тоа што го сонувам. Вака нашиот виртуоз на гитара, пејач, композитор и текстописец Влатко Стефановски го објаснува неговиот постојан порив да истражува нови инструменти и звуци и по пет децении успешна кариера. Во ексклузивното интервју за Телма, дадено по повод концертите во мај со кои тој ќе одбележи 50 години на сцена, Стефановски зборува за тие подготовки, за новиот албум „Лондонски сесии“, за најдрагата гитара, иницијацијата да се занимава со музика што потекнала од слушањето на плочите на Битлси, набавени од неговиот брат, Горан, но и за односот на општеството кон уметниците денес.
„Секогаш тој идеал на она што го сонуваш, да го материјализираш, секогаш е присутен. Значи аха, таа линија, тој некаков звук што го имам замислено, сѐ уште работам на случајот да го остварам и да го произведам тој звук. Се разбира, не се работи само за звукот, туку се работи и за тоа што ќе отсвириш со тој звук. Не само како звучи гитарата, туку кој материјал, која мелодија, која хармонија, кој акорд, кој риф треба да се произведе од таа гитара. Не е само прашање , имам добра гитара и добро појачало, туку што да отсвириш“, изјави Влатко Стефановски, гитарист и пејач.