Со изложбата „Ткаење светови: Колекции во разговор“ која ќе биде отворена на 24 април во престижната „Модерна галерија“ во Љубљана низ дијалогот на раскошната колекција на солидарноста на Музејот на современа уметност (МСУ) и колекцијата на словенечката „Артист 2000“ започнува реализацијата на годинашната програма на МСУ.
„Носиме дела од нашата колекција, вклучувајќи ги Томо Шијак, Петар Хаџи Бошков, Симон Узуновски и други. „Модерна галерија“ е една од најрепрезентативните центри за современа уметност во тој дел на Европа. Потоа би сакал да кажам дека доаѓа еден од најзначајните современи уметници Ибрахим Махама кој ќе има своја интервенција на фасадата на МСУ, односно типично за неговата продукција користи јута од Гана и ги обвиткува уметничките институции“,изјави Тихомир Топузовски, в.д. директор на МСУ.
Во рамки на годинашната програма на МСУ значајно место има ретроспективната изложба на еден од најзначајните македонски архитекти Живко Поповски која ќе се реализира во соработка со Архитектонскиот факултет. Со Универзитетот Утрехт се работи на изложбата која се осврнува на еколошките предизвици во нашата современост.
„Од музејската дејност, програмата за инклузивност која ги адресира лицата со попреченост за нивно вклучување во работата на музејот, како и истражувачкиот проект за Јордан и Искра Грабулоски, интердисциплинарната програма, филмската програма. Ова се некои проекти кои би ги издвоил. Програмата оваа година доби 5.842.370 милиони денари што е за милион и нешто повеќе од програмата која беше 2024“, додаде Топузовски.
Во филмската програма на МСУ за 2025 година се опфатени филмови и дела кои ги разоткриваат мноштовото аспекти на интеракција помеѓу јавното и приватното, личното и домашното, носејќи приказни во кои се вкрстуваат јавните и приватните простори, животи и настани.
Нина Стефанова