Венко Крстевски е вршител на должност градоначалник на Општина Кочани во наредните шест месеци до локалните избори кои ќе се одржат во октомври. Крстевски е независен советник, а избран на денешната седница на Советот на Општината во вториот круг на гласање со девет гласа „за“. Пред неговиот избор, седницата почна тензично меѓу советниците, со изнесување на лични ставови и квалификации за двајцата кандидати за в.д. градоначалник, независниот советник Венко Крстевски и Гоце Марков од ВМРО-ДПМНЕ. Но, молкот и солзите ја заменија тензијата, со говорот на советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Кристина Атанасова Арсова, чиј син е повреден во несреќата во дискотеката „Пулс“.
Побара прошка и се извини на граѓаните, кои гласале за неа.
Независниот советник Крстевски поддршката ја доби од советничката група на СДСМ. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ си гласаа за својот кандидат Марков. Крстевски вети дека заедно ќе се реализираат сите идеи, ги повика младите за поддршка со креативни идеи за просперитет во Кочани.
Потписот на Крстевски ќе биде валиден од среда, кога ќе се откочи и работата на локалната самоуправа, проектите, а плата ќе добијат и вработените во училиштата, градинките и општинската администрација. Тој вети транспарентна постапка за избор на нов директор на комуналното претпријатие „Водовод“, бидејќи претходниот директор минатата недела си даде оставка, пред него и градоначалникот, Љупчо Папазов, кој е опфатен во истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ и е во притвор.
На 16 март загинаа 59 млади луѓе, ден потоа почина и возачот на Итната медицинска помош, а пред неколку дена на повредите подлегнаа и двајца потешко повредени, кои се лекуваа во странство.
Викторија Јованова