Вести Македонија Најважни

Сегашни и поранешни министри и директори на листата осомничени и притворени за трагедијата во Кочани 

Министерот без ресор Шабан Салиу, генералниот инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување, пазарена инспекторка од Виница и раководител на сектор во министерството за економија се четирите лица на кои вчера судија од кочанскиот суд го прифати барањето на Обвинителството и им одреди притвор. Тие се дел од деветнаесетмината ново осомничени во проширувањето на истрагата за трагедијата во Кочани која однесе 61 живот.

Куќен притвор со забрана за комуникација им е одреден на екс министрите за економија Беким Незири и Ваљон Сарачини додека на поранешниот министер а сега амбасадор во Норвешка, Дритон Кучи кој во меѓувреме се врати во Македонија, му се одредени мерки на претпазливост.

Според информациите на Телма куќен притвор им е одреден и на актуелниот и поранешниот  директор на ДЗС Џеват Селами и Аднан Џаферовски.

Од судот во Кочани за Телма соопштија дека досега се примени шест жалби на судските одлуки околу осомничените со проширувањето на истрагата.

Истрагата на обвинителството е насочена кон испитувањето на работењето на министерството за економија, Дирекцијата за заштита и спасување и пазарната инспекција од 2012 година кога почнува со работа кабарето  „Пулс“.

Во периодот од 2012 година заклучно со 16 март денот кога се случи трагедијата во министерството за економија се смениле пет министри вклучувајќи го и актуелниот Бесар Дурмиши кој не е меѓу осомничените.

Дирекцијата за заштита и спасување во периодот од 2012 година ја воделе четворица директори именувани од Владата од различни политички партии.

Кај Пазарната инспекција во последните тринаесет години се смениле најголем број на директори, вкупно осум, вклучувајќи го и актуелниот Влатко Стојкоски кој не е опфатен со истрагата.

Според досегашните официјални информации на Обвинителството, најголем број на осомничени се од министерството за економија 13 лица меѓу кои се четворица поранешни министри и по тројца државни секретари и раководители. Деветмина осомничени се од пазарната инспекција вклучувајќи двајца поранешни директори и седум инспектори, кај МВР има седум осомничени – двајца поранешни началници на кочанската и штипската полиција и петмина службеници додека во ДЗС осомничени се петмина – четворица директори на дирекцијата и генералниот инспектор.  Од општинските власти осомничени се шест лица, тројца градоначалници и тројца градежни инспектори. Осомничени се и четири лица од кабарето „Пулс“ како и шест лица од обезбедувањето во кабарето и еден член на група ДНК.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес соопшти дека обвинителството ја истражува и работата на МВР и надлежните во министерството за и околу „Пулс“ за истиот период од 2012 година.

Oгнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

По трагедијата во Кочани засилени инспекциски контроли

Дејан Дејан

Пожарникарите не располагаат со доволно опрема и капацитети за справување со големи шумски пожари

Дејан Дејан

Трамп: Ако иранскиот режим не може повторно да ја направи Иран голема, зошто тогаш да не би дошло промена?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе