Вести Македонија Најважни

Затвореник на телефон, затворски полицајци со батериски ламби му помагаат во барање на „топка“ со дрога и кучката Цеца која наводно изгубила скап часовник додека трчала низ тревникот – сцени како за филм во КПД Штип

Поднесени се кривични пријави против затворски полицајци  во КПД Штип кои се осомничени дека помагале на затвореник во барање на „топка“ со дрога која била префрлена во дворот на затворот преку ѕид, информираше директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов. Тој додаде дека сите собрани материјали, по извршениот вонреден инспекциски надзор, се доставени до обвинителството. За настанот, како што додаде, има и видео запис кој е направен од видео надзорот во затворот.

Како што појасни Пандов, пред Затвор Штип на 20 февруари во 21:40 часот пристигнало возило кое ја минало првата капија и застанало кај втората капија, каде затворскиот полицаец во дежурна не го запишува, иако е должен тоа да го направи.

„Од возилото излегува лице кое што доаѓа до ѕидот на самиот затвор и преку ѕидот префрла топка, додека внатре се појавува затвореник со иницијали Ж.Ж., кој разговара на телефон и уште еден со иницијали Р.К. и бараат нешто во тревникот. Доаѓа затворски полицаец кој им вели дека треба да се вратат и да се оддалечат. По наредба на командирот на смена Т.И. се повикани уште четворица затворски полицајци. Затвореникот и понатаму говори на телефони и бара нешто низ тревникот. Се поздравува со сите тие затворски полицајци, а да не говорам дека тој не смее да има телефон во рака. И, тоа што е најфрапантно, истите тие затворски полицајци со батериски лампи се вклучуваат во барање на нештото. Не наоѓаат што не наоѓаат“, нагласува Пандов.

Наредниот ден, продолжи Пандов, дознава и директорот на затворот и по негова наредба повторно се бара во дворот и се наоѓа „топка“ во кеса, во која се пронајдени 35 грама бела прашкаста материја, веројатно кокаин и 50 грама марихуана.

„Кога директорот ги прашува командирот и затворската полиција што барале и зошто не реагирале, објаснувањето и во нивната службена белешка е дека им било предочено дека затвореникот Ж.Ж. си играл со кучката Цеца. Тој имал скап часовник за кој им навел дека е барем 1.000 евра, кој мора да потенцирам дека го нема пријавено дека е донесен во Затвор Штип, дека му го има земено кучката Цеца, дека трчала низ тревникот и го изгубила. Па, овие, за да му излезат во пресрет го бараат часовникот“, појасни Пандов.

Дрогата, рече Пандов, веднаш е пријавена во СВР Штип, а по наредба на директорот се формира дисциплинска комисија, составена од пет члена, кои ја имаат видео снимката, која одлучува на 28 март годинава дека затворските полицајци не се виновни.

„Една госпоѓа во ресоцијализација и уште еден затворски полицаец гласаат дека се виновни и треба да бидат дисциплински казнети, но за жал, полицајците Б.Д., К.П. и З.А. не пронаоѓаат вина и веруваат во тоа дека затворската полиција го барале часовникот што наводно го губи затвореникот Ж.Ж., а кучката Цеца му го има однесено. Притоа мора да потенцирам дека овие затворски полицајци нè чинат нас како даночни обврзници и македонската држава. Најмалата плата од сите овие затворски полицјаци кои учествуваат во овој дел е 57.000 денари, а најголемата е 67.000 денари, со средно образование. Во затворската полиција има и со високо образование вработени, изјави меѓудругото Пандов.

Корупцијата во затворите е на многу високо ниво и Пандов нагласи дека и Управата за извршување санкции и најголем дел од директорите на затворите кои се сега, имаат цврста намера до крај да се борат.

„Точно е дека таа битка е тешка и имаме работа со, буквално вмрежени затвореници и одреден број на вработени во затворите, но тоа додека сме ние раководни лица ќе ја тераме таа битка“, порача Пандов.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тројца загинати и 8 повредени во тешка сообраќајна несреќа кај Кичево

Дејан Дејан

Трамп: Мировниот договор меѓу Украина и Русија мора да се постигне „брзо“

Дејан Дејан

Хутите тврдат: Истрелавме проектили врз Израел и два американски носачи на авиони

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе