Станаа македонска гордост, изведувајќи ја „ Кармина Бурана“ викендов во Софија, а денеска пред Министерството за култура и туризам, ја пуштија на звучници, во знак на протест.
Стравот дека на конкурсот за избор на директор на Македонската филхармонија, што заврши, ќе биде избрано некомпетентно лице, како дел од кадровските комбинаторики меѓу ВМРО- ДПМНЕ и ВЛЕН, ги присили вработените во Филхармонија на протест пред ресорното министерство.
Со транспаренти на кои пишуваше „ Стоп за партизацијата на културата“, „ Избор на директор по мерит систем“ , „ Културата не е задруга“ и со свирежи од свирчиња, филхармоничарите апелираа до министерот Зоран Љутков да ги почитува законските одредби при донесувањето на одлуката за директор на нивната институција.
Бараме, Министерството за култура и туризам да го избере најдобриот кандидат на конкурсот за директор на Македонската филхармонија, односно кандидатот кој ги исполнува сите услови од конкурсот. А, тие се: Да има најмалку 5 години работен стаж и искуство во културата, да биде истакнат културен работник со докажани референци, да приложи четиригодишна развојна програма и да поседува меѓународен сертификат за англиски- Б2, кажа Владимир Лазаревски, претседател на Синдикалната организација на Македонската филхармонија.
Протестот запре откако вработените во Филхармонијата беа викнати на средба со министерот Љутков. По средбата, министерот кажа дека на конкурсот пристигнале 5 апликации, дека денеска е формирана комисијата што ќе го врши изборот и ги увери филхармоничарите дека директорот ќе биде избран законски.
-Директор ќе биде оној, кој што ќе ги исполни сите услови, што постојат во законот. И затоа не би сакал да се лицитира ниту со имиња, ниту однапред да се сугерира дека ќе биде незаконски конкурсот. Јас незаконски не работам, дециден е министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
-Очекуваме дека ќе си го исполни својот збор. Наше е да реагираме, наше е да се плашиме кога претходно , пред да биде распишан конкурсот, од политичари, од вицепремиер дознавме кој ќе биде, со име и презиме. Со тоа се нарушува легитимноста на конкурсот, рече претседателот на синдикалната организација на Филхармонија, Лазаревски.
Стравувањата кај вработените во Македонската филхармонија ги предизвика изјавата на вицепремиерот Меџити, дадена во интервју за 24 Вести, дека при поделбата на раководните функции во институциите, ВЛЕН ја добил Филхармонијата. И дека директор ќе биде Мустафа Имери, кој е наставник по соло пеење во Средното музичко училиште во Скопје и естраден уметник. Со тоа не се согласуваат филхармоничарите.
Сотир Трајков