Банките се уште ги немаат добиено договорите, фирмите критериумите. Банкарите чекаат да стават потпис на документот во кои ќе бидат наведени условите за да можат да почнат да ги пласираат унгарските пари во стопанството. Премиерот Мицкоски вчера кажа дека по празниците очекува дел од средствата да завршат кај компаниите. Но, од банкарскиот сектор посочуваат дека процесот воопшто не е едноставен, а во јануари има и доста неработни денови.
Делува многу едноставно, се знае од прилика кои компании ќе бидат апликативни, но сепак има многу детали и треба точно да се прецизира да нема во самиот процес забуни понатаму. Јануари има многу неработни денови, јас сепак би оставила за февруари, но дај боже сите ќе работиме на тоа да биде и во јануари, вели Нина Неданоска, заменик претседател на УО на Шпаркасе банка.
И бизнисот се уште без јасни насоки, ги чекаат критериумите за да видат кој се може да аплицира.
Сѐ уште немаме кристално чисти и јасни параметри, барем јас не сум видел. Основните ги знаеме и тоа е добро за бизнисот бидејќи наназад имавме тешки години, вели Горан Ѓорѓиевски од Сојуз на стопански комори.
До сега се знаеше дека кредитната линија ќе биде наменета за финансирање на дејноста производство, за инвестиции во опрема, машини, погони, фабрики. Но, премиерот Мицкоски вчера на поставувањето камен темелник на трговски центар во Гевгелија соопшти дека ќе може да се користат и за такви инвестиции. Од коморите сметаат дека е најдобро да се помогне производството.
Повеќе бараме да се насочи кон производството но и другите дејности кои имаат добри проекти, вели Менди Ќура од северозападна комора
За овие пари се одлучи фирмите да плаќаат само таканаречена камата од 1,95 отсто односно надоместокот за кредитниот ризик на банките. Онаа од 3, 25 проценти која долго време се споменуваше повеќе не важи. Таа ќе се враќа од буџетот. Па од тука се отвори дилемата дали граѓаните треба да помагаат приватни бизниси.
Во оваа земја реално ќе се почувствува бенефитот на реалниот граѓанин и реалниот сектор само со 5 отсто раст, е 5 отсто раст без сите чинители да помогнеме не знам дали имало, вели универзитетскиот професот Синиша Наумовски
Парите до сега се очекуваше фирмите да ги добијат. За нив од Унгарија се позајмија 250 милиони евра.
Ирена Чачкова