Владата ги повлече законите од новата даночна реформа, но според информации на Телма законот за солидарност, измените во законот за ДДВ- то и данокот за добивка повторно ќе се најдат пред пратениците и ќе се протуркаат со европско знаменце. Вакви сомнежи имаа и од бизнис секторот. Затоа од најголемата комора во земјава излегоа со апел, тоа да не се прави и процедурата за законот за солидарност, целосно да биде прекината.
-Ако они го повлеклке законот и сакаат да го активираат повторно, треба повторно да разговараат со бизнисот. Некој ќе каже брзината, ММФ, да се е во ред, но ние и на тоа имаме образложение, вели претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Сметаат дека законот за солидарност ќе ги демотивира компаниите, а силно ќе бидат погодени и странките фирми.
–Сите наши компании мислат дека ова е погрешно. Никој не е против да се плаќаат даноци, ама нека кажат какви се правилата. Не може преку ноќ да ги враќаме правилата на игра. Тоа е како да е одигран натпреварот и ние сега ќе кажуваме, ама знаете не беше така, можеше да се даде гол, затоа што судијата не отсвири, вели Антони Пешев, извршен директор на СКМ
Зошто законите се повлечени, одговор побаравме и од финансии, но не добивме.
Од она што можеше претходно да се прочита во законите, реално усогласување со европската регулатива има само во измените на законот за ДДВ. За другите два, за измените во законот за добивка и законот за солидарност, нема информации кои ќе бидат објаснувањата дека треба да се употреби европското знаменце – процедура чија злоупотреба ЕУ остро ја критикува.
Законите од даночната реформа беа поднесени во собранието уште лани, но заглавија во комисиите. Со тоа на законот за солидарност му истече рокот. Според владините пресметки, само со него во буџетот ќе се соберат околу 90 милиони евра. Со законот се предвидува со 30 отсто данок да се даночат сите оние кои имаат добивки над 10 милиони евра, а на кои просеничниот профит изминативе четири години им надминува 20 отсто. Не важи за фирми кои се основани во 2022 година.
Ирена Чачкова
