Преговорирте за Колективен договор во јавниот сектор и методологија при пресметка на платите траат со години, но по последниот состанок на економско-социјалниот совет се појавија малку попозитивни тонови, барем според впечатокот на синдикалците. Новиот претседател на Сојузот на синдикати на Македонија во вечерашната Топ Тема на Телма беше категоричен дека синдикатите ниту порано, ниту пак сега немаат трпение, иако признава дека охрабрувачки се последните предлози од владата.
Охрабрува, ако можам да кажам, фактот што министерот за финансии, Фатмир Бесими, настапува со далеку поинаков тон отколку минатата година. Понудите кои ги дава, преговара и за кои Минситерството за финансии е расположено да ги нарпави како методологија и како пресметки, одат во некоја правилна насока, меѓутоа далеку од тоа што сакаме да го постигнеме. Барањето на сите синдикати е тоа што го добиваат функционерите, 78 проценти зголемени плати за нив, 78 проценти зголемени плати за работниците, рече Трендафилов.
Предлогот на ССМ, според зборовите на Трендафилов, е зголемување на платите на вработените за 60 до 80 проценти веднаш, според пресметка во која за основа ќе се земе просечната плата помножена по коефициент на сложеност. Првичниот предлог на владата бил тоа зголемување да се случи во 2028 година, но на вчерашниот состанок на економско-социјалниот совет излегле со подобрен предлог, односно, зголемувањето да се случи за 2,5 години.
Оваа година тоа што го предложија беше 3,3 проценти, меѓутоа како што им кажа и ММФ до 10 проценти можат да се зголемат платите на вработените во јавниот сектор. Но да не заборавиме дека голем дел од платите на функционерите се дел од тие 10 проценти. Дали тоа значи дека 78 проценти од буџетот за плати на вработените во јавниот сектор се веќе искористени, или 7,8 проценти се искористени и остануваат само 2,2 проценти да се зголемат платите на вработените, или последната пресметка беше 3,3 проценти, рече Трендафилов.
Математички пресметано тоа би значело зголемување на платите за 600 денари, додаде Тренадафилов.
Тоа е премалку, имајќи во предвид дека одредени министерства ги зголемија веќе платите за 30 проценти, имајќи во предвид дека 78 проценти ги зголемија платите функционерите за нив, рече претседателот на ССМ.
Во однос на изговорите дека зголемувањето на платите на функционерите за 78 проценти е резултат на одлука на Уставниот суд, Трендафилов беше категоричен дека владата можела да пронајде начин да не ги зголеми за толку функционерските плати.
Не би рекол дека мораат да ја почитуваат одлуката, исто како што не ја почитуваа одлуката на Уставниот суд за 72 часовно работно време за изградба на коридорите. Можеа да не ја почитуваат и нивната одлука, да најдат бајпас решение, со европско знаменце и на таков начин минималната палта да ја стават па да добијат зголемување од некои 3 до 4.000 денари, како што тоа го направија за работниците. На работниците веќе им е преку глава да бараат 2.000 денари зголемување на нивните плати во услови кога инфлациајта е 14,5, во услови кога минималната плата се зголемила 12,55, во услови кога просечната плата се зголемила за 10,9 проценти итн, категоричен беше Трендафилов.
