Цела полициска смена уапсена на Табановце, а поткупот го земале по однапред утврден тарифник.
Официјалните информации се скромни, министерот Спасовски објави дека од неговиот ресор се уапсени командирот и заменикот на преминот Табановце, раководителот на смената и уште 6 гранични полицајци.
Се товарат за злоупотреба на службена положба и поткуп. При вчерашните претреси во работните простории и во домовите на уапсените најдени се и пари и докази за пречекорување на нивните законски обврски.
Според информациите кои ги доби Телма од извори во граничните институции, полицајците имале и тарифник – во зависност од услугата наплаќале меѓу 5 и 100 евра. Наплаќале за пуштање преку ред кога имало колони на преминот.
По 50 евра наплаќале на возачи кои во попладневните и ноќни часови доаќале на граница без зелен картон, а со митото биле пропуштани на граница.
Имало дури и тарифа за граѓаните кои доаѓале од Британија со автомобили во кои воланот е од десна страна. Наместо да ги препратат на царина за да го пријават автомобилот и добијат соодветни документи, полицајците за сто евра ги пропуштале.
Како што веќе објави Телма, парите од митото се најдени во кутија внатре во полициската станица. Тоа било бункерот каде полицајците ги носеле добиените пари. На шалтер кога земале пари ги криеле во кутии од цигари кои ги фрлале во бункерот и на крајот на смената го делел пленот.
Освен полицајците и нивните непосредни шефови, одговорноста засега не пробила во повисоки редови надвор од преминот Табановце. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека акцијата продолжува и дека обвинителството ја води истрагата.
Пред две недели на Блаце беа уапсени двајца полицајци кои како што објави КОД вчера го пропуштиле албанскиот државјанин Сокол Бибај иако по него имало распишано потерница затоа што имал лажен македонски пасош со украден идентитет.
Полицајците го задржале Бибај 4 часа и го пуштиле, а на преминот според Спасовски во исто време биле и заменик началникот на Регионалниот центар Север на граничната полиција, како и командирот на станицата Блаце.
Уапсени се само двајцата полицајци, а повисоките структури засега не се опфатени со оваа истрага која се уште е отворена. И двата случаи се поврзани со северната граница.
Миомир Серафиновиќ