Македонија е хендикепирана што нема сала со капацитет за над 10.000 гледачи, што е критериум за организација на полуфинални натпревари и финале на вака голем спортски настан. Затоа се одлучивме да бараме некоја комбинација за коорганизација. Водевме разговори со неколку федерации, меѓу кои и словенечкат и црногорската со кои најдовме заеднички јазик и се договоривме да аплицираме и за 2022 година и за 2024 година, рече претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов во вечерашното издание на „Топ тема“ во контекст на подготовките на заедничката апликација со Словенија и со Црна Гора за ко-домаќини на Европското првенство во ракомет во женска конкуренција.
„Со подготовките за овој настан почнавме во 2017 година. По пет години и осум месеци сме во ситуација да се пофалиме дека сме организатори на сениорско Европско првенство заедно со Словенија и со Црна Гора, дека во Македонија ќе се игра врвен ракомет и дека ќе имаме шанса на дело да ги видиме најдобрите ракометарки на денешницата, тука во СЦ „Борис Трајковски“, вели првиот човек на македонскиот ракомет.
Мукаетов нагласи дека РФМ во изминатиот период се покажа како добар организатори и домаќини на повеќе меѓународни натпревари, а годинашното сениорско ЕП е само потврда на тоа.
„Во период од 2013 година до денеска, организиравме осум кадетски и младински евроски и светски првенства. Со тоа, екипата во Ракометната федерација се потврди дека може да организира и поголеми натпреварувања“, рече Мукаетов.
Тој истакна дека довербата на Европската ракометна федерација (ЕХФ) и на Светската ракометна федерација (ИХФ) кон РФМ е голема.
„Имаме сериозно почитување и респект од нив. Ние сме една од тие 15 федерации кои во континуитет добиваат и признанија од ЕХФ и ИХФ како добри организатори. Наредната година ќе организираме ново првенство, во 2024 година ќе бидеме домаќини на младинско Светско првенство. Ова е голема чест за нас, но и голема обврска и истовреме голема шанса за Скопје и Македонија за многу добра промоција“, потенцира Мукаетов.
Натпреварите на Европското женско ракометно првенство (4 – 20 ноември) се играат во три града – Љубљана (сала „Стожице“) каде ќе се играат полуфиналните мечеви и големото финале, како и натпреварите за трето, односно петто место.
Скопје е домаќин на групата Ц во која, покрај македонската репрезентација, ќе играат и селекциите на Франција, на Холандија и Романија. Најдобрите македонски ракометарки во првиот меч утре попладне (5 ноември, 18 ч.) за противник ќе ја имаат селекцијата на Франција, во понеделник (7 ноември) од 18 часот ќе излезат на мегдан со Холандија и во последното коло, на 9 ноември (среда) ќе ги одмерат силите со Романија од 18 часот.