Последните потези од Бугарија не носат оптимизам за напредок во дијалогот за евроинтегративниот пат на Македонија. Со ваква оценка денеска излезе премиерот Мицкоски, зборувајќи за објавените информации за дипломатска нота за неговото семејство, околу патување во странство.
Според претседателот на Владата, од Софија доаѓаат потези кои се аматерски и не одат во насока на подобрување на односите помеѓу двете земји.
„Сигналите коишто доаѓаат оттаму не ме прават оптимист, напротив, состојбата се радикализира. Еве вчера видовме еден преседан во дипломатијата, кога излезе дипломатска нота за тридневен престој на мојата сопруга со мојот помал син кај наши пријатели во Пампорово, нешто што е невообичаена пракса во светот на дипломатијата и можеби единствена како таква. Замислете сега ние да ги вадиме сите дипломатски ноти коишто ги испраќаат од нашиот источен сосед и практично во тие дипломатски ноти пишуваат работи коишто можеби, исто така, би биле интересни за јавноста. Јас им се извинувам на мојата сопруга и на мојот син Антони што мора ова да го трпат“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот рече дека за случајот веќе ги информирал партнерите на Македонија во НАТО, бидејќи со објавувањето на дипломатската нота се загрозува безбедноста на неговото семејство. Документот бил објавен минатата недела на социјалните мрежи, а потоа пренесен и од повеќе медиуми и се однесувал на патување на 8 јануари.
Мицкоски додава и дека Владата, и покрај случувањата во односите со источниот сосед, останува целосно фокусирана на реформската агенда.
Петар Догов
