Во разговорот во емисијата „Директно“, легендарниот спортски коментатор Атанас Костовски се осврна на современите текови во фудбалот, предизвиците со кои се соочува македонскиот спорт, но и на суштинските проблеми во создавањето на нови фудбалски асови. Со својот препознатлив
аналитички пристап, Костовски детално ги елаборираше промените во „најубавата споредна работа на светот“.
Костовски истакна дека фудбалот денес е во фаза на постојано прилагодување. Воведувањето на ВАР-системот го гледа како обид за поголема праведност, иако признава дека човечкиот фактор и понатаму е присутен.
- „ВАР-системот овозможува праведност, но и покрај тоа гледаме неправди. Тие секогаш ќе ги има. Сите тие дополнителни работи – одмори, паузи, тајмаути, мерењето на времето – се измислени за да им се олесни на фудбалерите во оваа тешка задача,“ вели Костовски. Тој додаде дека специфичниот термин на последното Светско првенство во Катар се покажал како најпогоден за
европските фудбалери поради нивната висока концентрација и подготвеност во тој дел од годината.
На прашањето за зголемувањето на бројот на репрезентации на Светските првенства (на 48), Костовски гледа шанса за афирмација на фудбалот на глобално ниво. Тој ги коментираше и успесите на репрезентациите од регионот.
- „За Босна и Херцеговина секој пласман е голем успех. За Хрватска традиционално очекуваме да стигне до завршницата, иако е тешко постојано да се повторуваат тие успеси. Проширувањето е шанса сите да се увериме дека фудбалот е навистина најубавата работа, а квалитетот на крајот секогаш испливува на површина,“ смета тој.
Еден од највпечатливите делови на разговорот беше анализата на македонскиот фудбалски простор и прашањето зошто по историскиот пласман на Европското првенство, домашниот фудбал како да се врати во сивилото. Костовски смета дека сè е поврзано со појавата на вонсериски поединци.
„Македонија покажа дека има ген за фудбал. Но, сè се врзува со личност, со ѕвезда во генерацијата. Ги имавме Дарко Панчев и Горан Пандев – двајца генијалци родени со 20 години разлика. Во моментов немаме таква ѕвезда која ќе биде инспирација за многумина,“ потенцира Костовски.
Според него, проблемот не е во недостигот на школи, туку во брзањето и недостигот на трпение.
- „Родителите брзаат нивните деца веднаш да стигнат до прволигашкиот дрес. Во фудбалот талентот е број еден, работата број два, но трпението е клучно. Не може со пари да се купи играње во екипа. Потребна е многу работа, а тука голема улога има и едукацијата на тренерите. Името не значи ништо – ако си бил добар фудбалер, не значи дека ќе бидеш добар тренер. Тренерот мора да биде едуциран за да развие љубов кај талентот таму каде што му недостига,“ дециден е легендарниот новинар.
Костовски не ја изостави ниту економската страна на спортот, забележувајќи интересна разлика во инвестирањето на домашната сцена.
- „Фудбалот е скапа работа. Ако анализираме, нашите сограѓани Албанци приватно многу повеќе вложуваат во фудбалот. Македонците, дури и како бизнисмени, малку потешко бркнуваат во своите џебови за оваа намена,“ заклучи тој, додавајќи дека враќањето на Вардар во првата лига е добар знак кој може да понуди поголем квалитет во иднина.
