Македонската кошаркарска репрезентација денеска ги почна подготовките за последните два натпревари од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година. Селекторот Жозеп Марија Берокал на стартот нема да ги има на располагање сите повикани кошаркари, но во следниот период се очекува комплетирање на ростерот.
Репрезентативците утринава го одработија првиот тренинг во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје. Берокал ќе има нешто повеќе од две недели да го подготви тимот за дуелите со Република Ирска и Луксембург, а во текот на подготовките стручниот штаб ќе треба да одлучи и кој од натурализираните играчи ќе се приклучи на составот.
На списокот е и нашиот најдобар кошаркар Ненад Димитријевиќ, кој сè уште има клупски обврски со Баерн Минхен во германското првенство. Покрај стандардните репрезентативци, Берокал повика и неколку млади играчи, кои ќе добијат можност да се наметнат и да се изборат за место во конечниот список.
Македонија е лидер во групата А со максимални четири победи од исто толку натпревари. На 2 јули во Скопје ја пречекуваме Република Ирска, а три дена подоцна во последното коло гостуваме кај Луксембург.
Во главната фаза од квалификациите ќе се пласираат победниците од трите претквалификациски групи, како и најдобрата второпласирана селекција.
