Допир што создава мелодија и покажува дека понекогаш не се потребни зборови за да се искаже љубов. „Тивки дружби“ беше само една од активностите на Фестивалот на инклузија „Инфјужн“, во организација на здружението „Икуалити“, кое веќе петта година по ред ја става уметноста во фокусот како дел од процесот на инклузија.
„Ова е нашиот мал, но голем јубилеј. Фестивалот на инклузија започна како фестивал што требаше да биде маалски, а прераснавме во голем фестивал кој нуди прекрасна енергија и ги поврзува луѓето преку различни типови активности, вклучително и од областа на културата, како што се театарот, перформансите и уметноста, а потоа, секако, и музиката и спортот “, вели Гере Трпков, претседател на здружението „Икуалити“.
Гере Трпков, претседател на здружението, ни раскажа дека посетеноста на ваквите настани најчесто е мала поради нивната необичност. Тој додава дека еден од главните фокуси на здружението е и едукацијата на сите граѓани.
„Поддршката е голема, меѓутоа на хартија. Обично за тоа станува збор секогаш кога зборуваме за фестивали од ваков карактер. Темата е необична и некои луѓе најверојатно не ја разбираат целосно. Меѓутоа, работиме и на тој дел од едукацијата на јавноста преку различни кампањи“, додава Трпков.
Дел од фестивалот беше и Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“. Тие преку Брајовиот дисплеј и говорниот програм објаснуваа како се работи во нивното училиште со лица со оштетен вид.
„Секако дека ваквите настани се важни, затоа што луѓето имаат можност да се запознаат со сè што ние го имаме како училиште, од тимски игри до асистивни помагала. Многу е поубаво и појасно кога ние, како лица со оштетен вид, ќе објасниме или прикажеме како работиме со нашите ученици и како ги користиме Брајовиот програм и говорниот дисплеј“, вели Беира Слифоска.
Фестивалот „Инфјужн“ започна на 4 јуни и ќе трае до 20 јуни. Досега беа реализирани работилницата за креативно везење и шиење, како и „Маршот на исклучените“. Во текот на наредните денови следуваат концерти на македонски изведувачи, како и театарски претстави.
Софија Бислимоски
