Македонија има една од најниските стапки на инфлација споредено со земјите од регионот и тоа во екот на најголемата енергетска криза, смета премиерот Христијан Мицкоски. Тој вели дека Владата е во постојан контакт со сопствениците на трговските ланци и со откупувачите на земјоделските производи со цел да не се дозволат нефер трговски практики, што од една страна претставува заштита на земјоделците, а од друга овозможува контрола на инфлацијата.
„Инфлацијата сега, како резултат на оваа криза е 4,5 – 4,7%, а тогаш, пред 4 години, беше 19-20-21-22%. Таа е разликата. Повторно, 3:1. Бидејќи гледам дека некои ја цитираат инфлацијата која што при една изјава јас реков дека е една од најниските во регионот, јас стојам позади тоа. Една од најниските во регионот и тогаш кажав и сега ќе кажам. Да речеме, годишната инфлација во Грција е над 5%, во Бугарија и Романија е двоцифрен број проценти, во Хрватска е исто така над 5%, Косово е близу до двоцифрен број на проценти. Единствени земји во регионот кои што имаат помеѓу 3,5 и 4% се Србија и Албанија“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Инфлацијата во мај беше 4,8 проценти, но според индексот на цени на мало токму земјоделските производи бележат најголем скок на цените на годишно ниво од 6,7%. Земјоделците алармираат дека откупувачите и трговците се тие коишто најмногу заработуваат на сметка на нивниот труд и дека многу е голема разликата меѓу откупните цени на земјоделските производи и износот што го плаќа крајниот потрошувач.
Мирјана Јовеска
