Сточарите од Делчевско најавуваат протести доколку ресорното министерство и Владата сериозно не го решат проблемот со откупот на млекото во овој регион.
Најавуваат протести, а млекото наместо да го истураат на улица, туку ќе го подаруваат на случајни минувачи.
Револтот кај производителите, велат, од ден на ден е се поголем, а поддршка за протестот добиваат и од сточари од други општини и населени места. Посочуваат дека се повеќе млади луѓе, но и повозрасни над 50 години, ја напуштаат државата во потрага по подобар живот и посигурна егзистенција.
„Протести ќе има , ќе излеземе сите на протест, меѓутоа млекото нема да се фрла. Млекото ке биде поклонето на сите случајни минувачи кои што ќе се дел таму на протестот, кој што ќе чекаат да се пушти патот. Ние сме спремни, имаме поддршка од сточари од други општини и села да се излезат во сусрет и државата да обрне внимание кон нас“, вели Ристе Ивановски сточар од Делчево.
Во делчевскиот регион проблемот со откупот на млеко се појави, откако две млекарници од Кочани и Берово им најавија дека нема да го откупуваат млекото по 1 јули.
Во текот на вчерашниот ден дел од сточарите имале средба со претставник од ресорното минситерство. Забележуваат дека притисок е извршен, за да се откупи млекото на дел од сточарите. Но, според нив тоа не е долгорочно решение.
Во Делчево има 80 регистрирани одгледувачи на крави и произведуваат вкупно 15 тони млеко. Делчевските сточари сметаат дека проблемот со откупот на млекото е поради увозот на млеко и млеко во прав од Србија. Во наредните 10 до 15 дена сточарите очекуваат конкретен одговор за цената на млекото, што, како што велат, ќе биде клучно за нивната понатамошна одлука и чекори.
Викторија Јовановска
