Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, ќе го напушти клубот по завршувањето на актуелната сезона. Иако има договор уште една сезона, стратегот ќе си замине веќе во недела по цели 10 години на клупата и 20 освоени трофеи.
Иако засега нема официјалнa потврда од таборот на Манчестер сити, но повеќе британски медиуми објавија дека Гвардиола против Астон Вила во недела ќе го одработи последниот натпревар како менаџер на „граѓаните“.
Шпанецот го презеде Манчестер сити во летото 2016 година и го предводеше клубот до најголемите успеси во историјата. Освои вкупно 20 трофеи, меѓу кои шест шамионски титули во Премиерлигата, потоа Лига на шампиони, УЕФА Супер куп, Светско клупско првенство, три ФА Купа, пет трофеи во англискиот Лига куп и три во Комјуити шилд, односно англискиот Супер куп.
Според шпекулациите, негов наследник ќе биде Енцо Мареска. Италијанецот работеше во Челси и Лестер сити, а претходно му беше помошник на Гвардиола на клупата на Манчестер сити. Добро го познава клубот и се очекува тој да ја добие довербата од раководството.
Манчестер сити, според најавите, планира и посебно признание за Гвардиола, со можност северната трибина на стадионот „Етихад“ да го носи неговото име, во чест на сите успеси што му ги донесе на клубот.
*Фотографијата е изработена со помош на вештачка интелегенција.
