Нејмар ќе игра на своето четврто Светско првенство во дресот на Бразил, откако селекторот Карло Анчелоти го вклучи во составот за претстојниот турнир во САД, Мексико и Канада. Напаѓачот на Сантос последен пат настапи за „кариоките“ во 2023 година, а по долг период со повреди, сега повторно доби шанса во националниот тим.
Изминатите неколку години Нејмар имаше сериозни проблеми со повредите, но по враќањето во Сантос успеа да фати континуитет и да ја подобри физичката подготвеност. Тоа беше доволно за Анчелоти да му укаже доверба и да го стави на списокот за Мундијалот, што предизвика воодушевување кај бразилските навивачи.
За Нејмар, кој е најдобар стрелец во историјата на Бразил со 79 голови, ова ќе биде четврто Светско првенство во кариерата, по настапите во 2014, 2018 и 2022 година.
Бразилскиот напад ќе го предводат Винисиус Жуниор од Реал Мадрид и Рафиња од Барселона, а во тимот се и Матеуш Куња, Бруно Гимараеш, Касемиро и Лукас Пакета. Во офанзивниот дел место добија и Ендрик, Игор Тијаго, Габриел Мартинели и младиот Рајан.
Изненадување е изоставувањето на напаѓачот на Челси, Жоао Педро, кој имаше одлична сезона во Премиерлигата, но сепак не се најде меѓу избраниците на Анчелоти.
