Низок е ризикот од појава и ширење на ханатвирусот – оцени Комисијата за заразни болести која денеска ја разгледа состојбата со појавата на кластер со хантавирус – андес варијанта во светски рамки.
Од комисијата соопштија и дека здравствениот систем е подготвен за справување со евентуална појава на инфекцијата.
„Институтот за јавно здравје располага со реагенси за лабораториско докажување на вирусот, како и со стандардни оперативни процедури за дијагностика на овој вирус. Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби располага со соодветни капацитети за третман на евентуални пациенти со симптоматологија карактеристична за инфекција со хантавирус – андес варијанта, односно има соодветни услови за интензивна нега, механичка вентилација и респираторна поддршка“, соопштија од Комисијата за заразни болести.
За разлика од останатите варијанти на хантавирусот, андес варијантата има можност за пренос од човек на човек при подолг и близок контакт, но преносот не е брз и лесен како кај коронавирусните инфекции.
