Со 250 евра ќе се казнуваат родителите чии деца вршат врсничко насилство – ова се дел од Законските измени кои влегоа во собраниска процедура. Паричната казна ќе важи и за родителите кои ќе одбијат соработка со надлежните за проблемот кој го создале нивните деца.
„Тоа е донесена одлука. Тие законски измени ќе се направат. Останува и казната од 250 евра за секое насилно дело на детето да биде казнет родителот, но исто така многу е важно да се каже дека истото важи и кога родителот ќе одбие да соработува со училиштето и другите институции“, вели Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски уверува дека МВР веќе извесен период ја проверува состојбата на терен. Полицајците се во превентивен надзор во близина на училиштата.
„Тоа што МВР го презема во изминатиот период од аспект на превенција, многу добро знаат родителите дека полициски службеници заедно со стручни лица од средните училиштата подолго време се на терен, проверуваат, го вршат превентивниот надзор којшто треба да го посветиме на децата. Тоа е само една од активностите коишто ги преземавме. Посветени сме и работиме на ова – дали дава резултати какви што посакуваме, тоа е друго прашање“, рече Панче Тошковски, министер за внатрешни работи
И додека се чека најавените превентивни мерки да стапат на сила, опозицијата бара одговорност од сите надлежни институции за досегашните инциденти.
„Поради целосниот институционален неупсех во заштита на учениците бараме:
- Одговорност од Весна Јаневска
- Одговорност со итна смена на директори кои криеле, не реагирале навреме и игнорирале насилство,
- Вонреден инспекциски надзор во училиштата и ученичките домови со ревизија на сите училишни безбедносни протоколи
- Годишен извештај за безбедноста во училиштата“, рече Јованче Манасков од СДСМ
Се зголемуваат случаите со врсничкото насилство. Пред неколку дена 15-годишник во основното училиште 25ти мај во Ченто со остар предмет прободе ученик. На почетокот неговата состојба беше критична, но потоа се стабилизираше. Претходно јавноста ја шокираше инцидент во училиште во Ѓорче Петров. Тинејџерка била малтретирана од три малолетнички, а суровото изживување го снимале со мобилен телефон. Учениците и нивните родители добија кривични пријави.
Тамара Марковска
