Иако 338 дивоградби во Битола се одбиени за легалзиација и имаат правосилно решние за уривање, досега не e отстранет ниту еден од овие објекти. Наместо уривање, Советот донесе одлука постапките да се одложат до 2031 година. Опозицијата обвинува за незаконско пролонгирање и нееднаков третман на граѓаните, бидејќи старите дивоградби добија одложување, а новите ќе се уриваат.
Во Битола не е урната ниту една од 338 дивоградби кои не ги исполнуваат условите за легализација и имаат правосилно решение за уривање. Од Општината велат дека Законот за легализација на бесправни објекти не предвидува рокови за постапување
„Ние се доведуваме во ситуација да се каже дека една општина толерира дивоградби, гледајќи го низ призмата на ваквиот закон, иако членот 24 нема рок. Општината нема рок дали треба да започне постапка за отстранување на дивоградбите за осум, десет месеци или по една година, вели Борче Димитровски, секретарот во општината.
На предлог на градоначалникот, Советот изгласа уривањето да се одложи до 2031 година по истекот на рокот на новото продолжение на Законот за легализација. Опозицијата реагира дека наместо решавање на проблемот, дивоградбите повторно се оставаат „под тепих“, а Советот носи незаконска одлука.
„Како може Советот да одлучува за одложување на примена на решение за утврдување статус на бесправни објекти кои ги донел градоначалникот, а нивната примена не може да се става во мирување со општа одлука на Советот“, праша Драги Крстев од СДСМ.
Од владејачкото мнозинство велат дека станува збор само за објекти кои се одбиенеи за легализација, додека новите дивоградби ќе се уриваат.
„Ќе важи само за оние кои имаат поднесено барање и се одбиени согласно Законот за бесправно изградени објекти. А сите оние кои по донесувањето на законот бесправно изградиле објект, истиот ќе биде урнат согласно законот, рече Бојан Бојковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата, пак, предупредува дека така се создава нееднаков третман меѓу граѓаните.
„Доколку некој сега започне да гради куќа бесправно, таа може веднаш да му се урне, а на оној што изградил бесправно и поднел барање за легализација, но е одбиен, нема да му се урне до 2031 година. Се создава разлика меѓу граѓаните“, додава Димитар Кузмановски, советник од ЛДП.
Во Битола беа поднесени над 17.000 барања за легализација, 338 се одбиени, а околу 1.500 предмети сè уште не се решени.
Емилија Мисирлиевски
