Иако статистиките со години покажуваат опаѓање на детското престапништво, истражувањата укажуваат на сè поголема агресивност кај младите, особено во делот на психичкото, физичкото и сајбер насилството, предупреди професорката по криминологија Ангелина Станојоска. Taa посочи дека дел од порастот на пријавени случаи се должи и на поголемата свесност и пријавување на насилството.
„Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат тренд на зголемување на бројот на сторители на детско престапништво, но во годините наназад тој број опаѓа. Дел од овој пораст не значи нужно повеќе кривични дела, туку дека денес имаме повеќе информации и повеќе случаи што се пријавуваат. Сепак, истражувањата покажуваат дека има зголемена агресивност кај младите, особено во однос на психичкото, физичкото, но и сајбер насилството“, рече Станојоска.
Таа ги сподели и резултатите од истражувањата спроведени меѓу ученици во земјава, кои покажуваат загрижувачки бројки.
„Во истражувањето што го правевме во Општина Битола, во сите основни и средни училишта со примерок од 603 испитаници, 29,5 проценти одговорија дека биле барем еднаш жртви на булинг. Во новото истражување што го спроведуваме со МОН на територија на цела држава, со 1623 испитаници од 32 училишта во сите осум плански региони, 23,1 проценти кажале дека биле барем еднаш или повеќе пати жртви на сајбер насилство“, истакна таа.
Според Станојоска, современите генерации се соочуваат со многу поинакви предизвици од претходните.
„Денешните генерации имаат многу поголем дигитален ризик отколку што сме имале ние. Младите од самото раѓање се со интернетот и мобилните телефони, а нивниот социјален живот е сосема поразличен. Дополнително, ковид-пандемијата влијаеше врз начинот на комуникација и придонесе младите полесно да комуницираат онлајн отколку во живо“, додаде Станојоска.
T.Д.
