Денеска продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ со читање на изјави на две девојки кои биле присутни во дискотеката критичната ноќ ги дале во Обвинителството. Поради големата траума која ја доживеале, тие не биле во можност да сведочат јавно.
Една од нив работела во дискотеката и според исказот што го дала во Обвинителството „јавна тајна било дека газда Деко имал врски и во полиција и со инспекторите и затоа дискотеката можела да работи без да ги почитува правилата“.
Таа, исто така, кажала и дека пред трагичната ноќ кога била на работа во дискотеката некој му се јавил на синот на газдата по што тој рекол „овие повторно сакаат да имаат пиротехнички средства“. Според неа, ДНК инсистирале да користат пиротехника, додека газда Деко и неговиот син биле против.
Се прочита изјава и на друга девојка која кажала дека стоела во близина на подиумот и дека секогаш на концерти на ДНК, на кои одела често, пиротехничката се палела на иста песна. Пожарот не го сфатиле сериозно додека пејачот на ДНК, Панчо не ги повикал да излезат.
Кога тргнале кон вратата веќе имало многу луѓе кои се обидувале да излезат. Таа рекла и дека видела полицаец но тој само стоел и не помагал на никого.
Судењето продолжува со изведување на докази, ќе се прикажува снимка од настапите на ДНК пред критичната ноќ.
