Поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски и уште две лица биле повикани на службен разговор во СВР Скопје, потврдија од МВР. Кривичната пријава е од министерството за земјоделство за злоупотреба на службената положба, а полицијата постапувала по насоки на обвинителството. Пријавата е во врска со распишување на јавен повик за финансиска поддршка на микро земјоделски производители на вино од 2023 година.
„Без никаква законска основа се поделени над 50.000.000 денари (над 820.000 евра), средства од буџетот на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во врска со случајот, побарана е и дополнителна документација од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, а во насока на целосно расчистување на случајот“, соопшти МВР.
Николовски утрово преку објава на Фејсбук навести дека станува збор за пријава поврзана со реформата за малите семејни винарии. Смета дека ова е монтиран случај кој треба да го оттргне вниманието од вистинскиот криминал.
„Толку им требаше на актуелното раководство за да се обиде да ја покрие сопствената неспособност и криминал и тоа напаѓајќи ја најуспешната реформа во земјоделството. Се случува ова во момент кога незадоволството кај земјоделците е на невидени размери. Кога владата не може да се справат со вистинските проблеми, се вклучува пропагандната машинерија за дефокус“, напиша Николовски на Фејсбук.
Информативниот разговор бил на 7 мај, а информацијата излезе вчеравечер.
Елена Ивановска Мукоска
