Со инвестиција од 45 милиони евра во следните три години, Спар пристигнува на македонскиот пазар, носејќи европски стандарди, висок квалитет и прифатливи цени. Во првата фаза, 15 милиони евра ќе бидат вложени во отворање нови маркети и ребрендирање на постоечките „Вива Фреш“ и „Кит-Го“ во Спар маркети.
Присутен во 49 земји ширум светот, Спар има амбициозна цел – повеќе од 60 продавници низ Македонија во период од една година. Голем акцент ќе биде ставен на свежи производи, широка понуда и силна соработка со домашни производители, со цел поддршка и развој на домашната економија.
Како дел од инвестицијата, ќе се гради и современ логистички центар на површина од над 40 илјади метри квадратни, кој ќе отвори околу 400 нови работни места и ќе воспостави синџир на снабдување со нови оперативни стандарди. Од компанијата велат дека Спар ќе се издвојува со одличен квалитет, ниски цени, високи промотивни активности и модерно шопинг искуство за македонските потрошувачи.
