Од истрага поради сомнеж дека со набавките на мазут за ТЕЦ Неготино е направена штета од над 167 милиони евра, до повлекување од кривичната пријава поради немање докази. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека ја запира истрагата со која беа опфатени Ратко Капушевски и неговата фирма РКМ, Асмир Јахоски- сопственик на Пуцко петрол и син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, поранешните директори во ЕСМ, избеганиот Васко Ковачевски и Адриан Муча, Ерџан Сулковски и уште 8 други осомничени. Обвинителството тврди дека набавките на мазут биле законски, без специјална подготовка на тендерските услови и во рамки на справувањето со енергетската криза,во периодот од декември 2021-ва до април 2023-та. Обвинителството утврдило и дека нема штета за буџетот.
Истрагата утврди дека постапките биле спроведувани транспарентно. ЕСМ имало за цел да ги вклучи сите оператори што имале лиценци за трговија со мазут во интерес на побрзо испорачување на мазутот, при што биле контактирани сите економски оператори кои поседувале лиценца и тоа во дел од јавните повици со известување биле повикани да учествуваат, а во дел јавните повици биле објавени и во дневни весници. Од исказите на претставници на економски оператори произлезе дека дел од компаниите не учествувале во постапките поради деловни и економски проценки, односно поради високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците поврзани со тогашната состојба на енергетските пазари, соопштија од Јавното обвинителство
Пријавата ја поднесе МВР лани во март, 6 дена пред трагедијата во Кочани. Обвинителството цитирајќи ја кривичната пријава тогаш соопшти дека има сомнежи за перење на пари бидејќи еден осомничен добил 1.200.000 евра од фирмата која ги добиваше јавните набавки.
Во однос на сомневањата за перење пари, истрагата утврди дека средствата исплатени по основ на реализираните договори не претставуваат противправно стекната имотна корист, односно не се приноси од кривично дело. Оттука, финансиските трансакции, исплатите, купувањето имот и префрлањето средства меѓу сметки не можат да се сметаат за дејствија на перење пари или прикривање незаконски стекнати средства, пишува во соопштението на Јавното обвинителство.
Во соопштението, обвинителството како аргумент за отфрлање на кривичната пријава дури наведува и дека „во критичниот период не постоеле рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, а производството во ТЕЦ Неготино овозможило обезбедување електрична енергија по значително пониски цени од цените на слободниот пазар.“
За истиот случај, претходниот состав на Антикорупциската комисија поднесе и иницијатива за кривично гонење со која беше опфатен и тогашниот министер за економија. Во повеќе истражувања во емисијата КОД на Телма беа обработени повеќе сегменти од спорните јавни набавки на мазут за ТЕЦ Неготино. Дел од истрагата беше и поради сомнежите за загадување од неквалитетен мазут, за што беа барани вештачења во странство- но обвинителството во денешното соопштение не наведува никакви детали за тој сегмент.
Миомир Серафиновиќ
