Кривична пријава против непознат сторител ќе поднесе ЕСМ „Молика“ за труењето со храна кај дел од вработените во РЕК Битола кон крајот на март. Од компанијата информираат дека по спроведени инспекциски надзори е утврдено дека бактеријата салмонела не е пронајдена ниту во примероците од храната, ниту на работните површини во кујната. Случајот со заболени работници од рудникот, како што наведуваат, не е поврзан со подготовката на храната во централната менза.
Кујната беше затворена на 26 март по вонреден инспекциски надзор на надлежните институции, при што биле утврдени хигиенски пропусти и наредено вонредно чистење и дезинфекција. Околу 200 вработени пријавиле стомачни тегоби и примале терапија во битолската Клиничка болница, а кај 24 од нив салмонелата беше лабораториски потврдена.
