Пет лица вработени во Агенцијата за управување со одземен имот и управители на две правни лица се осомничени за злоупотреба на постапка за јавна набавка.
Според пријавата од Финансиската полиција, тие оневозможиле конкуренција во постапка за продажба на хаварисани моторни возила – старо железо, организирана од Агенцијата за управување со одземен имот.
Шемата била реализирана на следниов начин – една од фирмите само формално конкурирала на постапката за јавна набавка и доставила понуда со намерна техничка грешка и нереален паричен износ. Со ова оневозможила понатамошно наддавање на останатите учесници.
Членовите на комисијата за спроведување на постапката, спротивно на одредбите од Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети, свесно помогнале во реализација на договорената шема. Договор за продажба на одземени хаварисани возила како старо железо се склучила со правен субјект управуван од Н.И., при што правното лице се стекнало со противправна имотна корист од 2.128.352 денари.
Финансиската полиција поднесе кривични пријави и случајот го достави до Јавното обвинителство.
