Дваесетгодишна студентка од Република Турција попладнево е пронајдена почината во стан на улица „Васил Главинов“ во централното градско подрачје на Штип.
Нејзините колеги со кои заедно студирала не можеле да стапат во контакт со неа неколку денови, по што била известена полицијата.
Починатата студентка живеела сама во станот, па за да се влезе во него полицијата ги повикала пожарникарите да интервенираат и во станот е влезено преку врата од балконот, бидејќи влезната врата била блиндирана.
Лекарите и медицинскиот тим од Здравствениот дом во Штип на лице место констатирале смрт и според првичните информации не можеле да утврдат дали станува збор за насилна или не насилна смрт.
- Денеска во 14:48 часот во СВР Штип било пријавено дека во стан во Штип било пронајдено починато женско лице. Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека се работи за У.Е. (20), државјанка на Република Турција. Увид врши екипа на СВР Штип и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштуваат од СВР Штип.
Телото на 20-годишната девојка е предадено на обдукција, со што ќе се утврдат причините за смртта.
Викторија Јованова
Б.С.
