Дванаесет години казна затвор за Стојанче Јовановски за трите кривични дела кои резултирале со самоубиство на неговата сопруга Ивана по падот од тераса заедно со нивната ќерка Катја. Јовановски беше обвинет за нанесување телесна повреда при семејно насилство, загрозување на безбедноста и наведување и помагање на самоубиство. Судијата Ивица Стефановски образложувајќи ја пресудата истакна дека Јовановски со континуираното физичко и вербално насилство ја довел Ивана во безизлезна и очајна состојба што било причина таа да посегне по својот живот и животот на својата ќерка.
„Со примена на правилата за одмерување на казната го осудувам ан единствена казна затвор во траење од 12 години“, рече судијата Ивица Стефановски.
Обвинителката Адела Бојчевиќ изјави дека обвинетиот добил максимална можна казна за трите кривична дела.
„Во оваа фаза од постапката имајќи предвид дека се работи за првостепена пресуда која не е правосилна и која верувам дека одбраната ќе ја обжали, судијата ја изрече максималната казна за сите три кривични дела. Од друга страна би сакала да кажам дека Ивана и Катја повеќе ги нема и секоја пресуда и казна не е доволна бидејќи тие не можат да се вратат“, рече обвинителката Адела Бојчевиќ.
Семејството на Ивана е задоволно од пресудата.
„Во име на семејството, односно на оштетените сметаме дека казната е соодветна. Тоа и го очекувавме кажавме дека Ивана и Катја нема да се вратат, но овој предмет е порака дека семејното насилство во оваа држава нема да се толерира“, посочи Неда Чаловска, адвокатката на оштетените.
Обвинителката притоа апелираше и дека е потребно да се промени казнената политика бидејќи не може максималната казна за наведување и помагање на самоубиство да е само 5 години.
„Би требало да биде предмет на една поширока анализа од страна на правните експерти и изготвувачи на закон во насока на построга казнена политика и подобрување на казнената политика, бидејќи не може за едно семејно насилство каде што има телесна повреда да е предвидена казна затвор до 5 години а каде што имаме смртна псоледица исто така да е предвидена казна затвор од 5 години“, додаде обвинителката.
Адвокатата Чаловска смета дека е значајно што за прв пат во државата има пресуда за наведување и помагање на самоубиство како резултат на семејно насилство.
„Ова е голем чекор кој што во иднина треба да се следи заради тоа што во случај на самоубиство понатаму државните институции треба да истражуваат дали било поради долготрајно семејно насилство како што беше во овој случај“, смета адвокатката.
До правосилност на пресудата Јовановски останува во притвор.
Марија Митевска
