Здравството и Фондот ги измачуваат два типа на проблеми, заради недостиг на средства, а очекувањата се огромни, се дејствува по концептот на противпожарна бригада – „каде гори, таму се гаси“ и обично гори на крајот, никогаш не гори на почетокот, рече директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски во вечерашното интервју во „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
„Затоа, еден од првите чекори што го направивме во 2025 година е да направиме силен исчекор во финансирање на примарното здравство и на матичните лекари од 33 проценти. Бидејќи постоеја поплаки дека не се финансира, не е атрактивно, демографската структура на матичните лекари е многу неповолна, наредните 10 години многумина ќе заминат во пензија, интересот на младите лекари не е соодветен…“, рече Клековски.
Тоа, како што додаде, „води до вториот проблем дека во минатото често се оставале структурните проблеми, а се дозволувало да се решат некако незадоволствата на страна“. Како пример ги наведе матичните гинеколози.
„Таму имавме голема акција со УЈП заради голем број на поплаки од осигуренички за наплата на услуги кои според нашиот договор со гинеколозите, треба да бидат бесплатни. Релативно раширена пракса, мислам дека половина од контролираните ординации имале таква пракса“, истакна Клековски.
С.Д.
