Вести Македонија Најважни

Снимки и фотографии како докази во судењето за трагедијата во „Пулс“ ги натажија родителите

Тешка атмосфера, воздишки и солзи кај родителите на жртвите. Вака денеска беше во судницата каде обвинителството за првпат презентираше видео и фотографии од увидот направени веднаш по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На моменти шокираа вознемирувачките сцени, меѓу кои можеа да се видат и лични предмети на жртвите. Обвинителството ги презентираше како поткрепа на извештаите добиени од различни институции. Во нив пишува дека во дискотеката имало околу 600 гости во моментот на трагедијата и дека на делови од просторот се развила температура од околу 800 степени, па дури и металот се виткал.

„Биле вградени тервол, дрво, гипс картон, 95 килограми сунгер кој бил поставен уште во 2012 година. Дел од материјалите брзо горат, вентилацијата уште повеќе го забрзувала процесот, а од плафонот капеле вжештени капки, бидејќи материјалите брзо се трансформирале во течна фаза. На фотографијата со кафеавата јакна на пејачот од ДНК, Андреј која е пронајдена на лице место, се гледаат капки од стопениот полиуретан кој паѓал врз присутните“, рекоа од обвинителството.

Адвокатите реагираа на неколку извештаи кои беа презентирани. Најмногу револт предизвика податокот дека во дискотеката биле присутни околу 600 гости и прашаа како се преброени. Според обвинителството, до бројката вештаците дошле преку камерата која е од соседен објект, а снима кон влезната врата. Исто така, обвинителството и одбраната заглавија на тоа дали биле или не во функција хидрантите во објектот, како и задната врата која била заклучена.

Она што беше презентирано како факт е дека пиротехниката која била внесена во „Најк“ ранец, кој го имаше на фотографиите, не соодветствувала за просторот. На спецификацијата пишува дека дометот на искри е до три метри, а висината од бината до плафонот била 2,7 метри. Исто така, на неа пишува дека идеално безбедно растојание би било над 8 метри во висина.

Инаку родителите на жртвите се незадоволни и од вчерашната пресуда која ја донесе кривичниот суд против тројца обвинети полицајци. Ги осуди условно, бидејќи пишувале казни за дискотеката на фирма која била неактивна.

„Кочани е со 15 улици. Не може обвинетите да се жалат дека Деко им дал погрешни документи за лиценца кога таму пишува дека лицената е за улица „Димитар Влахов“, а инспекторите биле на Крижевска улица. Намерно е така кажано и обвинителството треба да поднесе жалба и Судот да ја види реалната ситуација. Нешто се крие, ќе дознаеме“, рече Алексaндар Наунов, чие дете почина во „Пулс“.

„Ако довербата во судството е 2%, со вакви пресуди зборуваме за минус, односно за формално постоење на институција Суд. И тоа не е сарказам, тоа е реалност. И кога ќе помислиш дека не може полошо, се менуваат обвинители во последен момент, се прераспределуваат предмети, се разводнува одговорноста. Се по книга, само не по правда. Ако сега јавното обвинителство молчи, нема потреба ништо да се објаснува. Ќе биде јасно и без зборови“, рече Наташа Танеска, чиј син загина во „Пулс“.

Таа ја повика судијката да одговори дали законите се пишуваат за да важат или да се заобиколуваат и дали може мирно да спие кога зад таква пресуда стојат 63 животи и над 200 повредени.

И за Наунов нема смисла оправдувањето на инспекторите дека газда Деко им дал неточни податоци, кога во Кочани има само 15 улици за тие да не знаат дека се на погрешна адреса.

Со денешното рочиште започна фазата на изведување на материјални докази. Адвокатите на почетокот незадоволни од сведочењето на директорот на судска медицина, побараа и други доктори кои работеле на обдукциите да сведочат во процесот, но судот не им дозволи.

Билјана Николовска Тодорова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

“Здрава котлина” со остра реакција на одлуката на Вишиот управен суд: “Отворивте војна со народот”

Дејан Дејан

Ацевски: Ревизии и во останатите друштва во кои државата е доминантен сопственик, состојбите се слични како во работењето на Државна лотарија

Sasko Dimovski

„Не за нова дозвола на Усје по стари правила“ – протест на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе