Вести Економија Македонија

Марина Томова со остри критики кон пратениците и власта: Измените за рудниците се велепредавство

Во најновото издание на емисијата „Директно“ на телевизија Телма, еко-активистката Марина Томова од организацијата „Change makers“ од Гевгелија упати остри критики кон пратениците и власта во врска со неодамнешните измени на Законот за рудници, кои беа донесени по скратена постапка. Таа го постави прашањето за итноста на овие промени и ги обвини политичарите за непочитување на интересите на граѓаните.

Томова потенцираше дека со новите измени се врши грубо прекршување на вообичаените процедури.

Според неа, наместо да се следат законските чекори еден по еден, сега се оди директно на „чекор три“ – давање концесии за експлоатација, без претходно соодветно да се реши прашањето со експропријацијата.

  • „Која беше итноста на овие пет пратеници да го поттурнат прашањето по побрза постапка? Зошто сите од истата политичка партија гласаа ’за‘? Ова е големо предавство од самите пратеници кои се избрани да бидат слуги на народот“, изјави Томова, додавајќи дека политичарите се само вработени во државата, додека граѓаните се вистинските сопственици кои имаат право да ги отпуштат доколку ги прекршуваат правилата.

Еден од највпечатливите делови во нејзиното излагање беше споредбата на македонските концесиски надоместоци со оние во африканските земји.

Томова истакна дека додека земји како Конго и Замбија добиваат меѓу 14% и 25% од добивката на рудниците, во Македонија тие проценти се движат од мизерни 1% до 4,5%.

„Ние не можеме да се споредиме ниту со Конго и Замбија. Кај нас не е решена ниту сегашната проблематика со постоечките рудници и загадувањето, а веќе се туркаат нови решенија преку ноќ“, рече таа.

Томова емотивно зборуваше за влијанието на загадувањето врз здравјето, споделувајќи личен пример за нејзиниот син кој често страда од бронхопневмонија и е приклучен на апарати за дишење.

Таа ги повика на одговорност премиерот и градоначалникот на Крива Паланка, кои гарантираат дека ќе бидат преземени сите мерки за заштита.

  • „Со што гарантираат? Со својот живот, имот, финансии? Што значи нивниот збор кога воздухот не познава граници? Крива Паланка е на 119 километри воздушна линија од Гевгелија – еден ветер е доволен за да го почувствуваме загадувањето. Тие веќе не мислат на нашите деца“, предупреди Томова.

Еко-активистката заклучи дека државата не е компетентна да управува со рудните богатства на овој начин, дури и ако тие се државни, бидејќи придобивките за народот се минимални, а ризиците по здравјето и животната средина се огромни. Таа ги оцени амандманите поминати „преку ноќ“ како противуставни и штетни за иднината на Македонија.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

“Здрава котлина” со остра реакција на одлуката на Вишиот управен суд: “Отворивте војна со народот”

Дејан Дејан

Ацевски: Ревизии и во останатите друштва во кои државата е доминантен сопственик, состојбите се слични како во работењето на Државна лотарија

Sasko Dimovski

„Не за нова дозвола на Усје по стари правила“ – протест на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе