Вести Македонија Најважни

Мал престап и системот веднаш функционира – вели Мицкоски за инцидентот во кој член на обезбедувањето ја нападна својата сопруга

Апсењето на припадник на моето обезбедување за семејно насилство е доказ дека законот важи за сите. Обезбедувачот е дел од претходницата и не го гледам толку често, а сопругата која ја нападнал е ќерка на мој колега од факултет, вели премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за апсењето на негов телохранител поради семејно насилство.

Член на обезбедувањето на Мицкоски доби осум дена притвор, откако неговата сопруга пријавила дека била физички нападната во семејниот дом.

„За разлика од минатото, кога членови на обезбедувањето на претседателот тепаа граѓани, се изживуваа по дискотеки и минуваа неказнети, во овој случај гледате мал престап и веднаш системот функционира. Тоа е уште еден доказ и така ќе продолжиме и во иднина, недисциплина јас не толерирам, не само во рамките на моето обезбедување. Инаку за волја на вистината, тој е припадник на претходницата која не ја гледам толку често, а за волја на вистината сопругата е ќерка на мој колега од факултет“, вели Мицкоски.

За СДСМ, пак, скандалот само покажува со какви луѓе се опкружува Мицкоски. За нив, тоа е уште една причина за оставка на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според партијата, насилството во изминатите две години стана секојдневие.

„Ова е слика на опкружувањето на Мицкоски и на една криминална Влада во која насилството е нормализирано, а институциите немаат капацитет за ништо. Уште еден доказ дека системот е целосно распаднат, а моралот со ВМРО-ОКГ срозан. Ако полицајците на Тошковски се тепачи и учесници на семејно насилство, нема систем што може да се воспостави за превенција ниту пак заштита на жртвите“, вели Наташа Поповиќ, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

МВР соопшти дека полицијата го упасила 39-годишниот обезбедувач на Мицкоски на 2 мај во 23 часот, откако неговата 37-годишна сопруга пријавила дека во семејниот дом била физички нападната, дека ѝ биле упатени закани и дека ѝ бил оштетен мобилниот телефон. Уапсениот доби осум дена притвор.

Ова е втор уапсен телохранител на Мицкоски. Минатата година беше уапсен Ангел Сарамаков, кој беше осуден на 1,5 години затвор за оддавање службена тајна, но Апелација ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

“Здрава котлина” со остра реакција на одлуката на Вишиот управен суд: “Отворивте војна со народот”

Дејан Дејан

Ацевски: Ревизии и во останатите друштва во кои државата е доминантен сопственик, состојбите се слични како во работењето на Државна лотарија

Sasko Dimovski

„Не за нова дозвола на Усје по стари правила“ – протест на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе