Вести Македонија Најважни

(ВИДЕО) Нов огромен пожар на отпад за стари автомобили во Визбегово – на истата адреса гореше и лани

Пламени јазици од два огромни купови со отпад со часови гореа додека пожарникарите се обидуваа да го стават големиот пожар под контрола. Гореа лимови и остатоци од стари автомобили на отпадот во близина на Визбегово.

Внатре со два крана, вработените се обидуваа да направат простор и да ги одделат незафатените остатоци од стари автомобили за да спречат ширење на огнот по целиот отпад. Каросерии и шофершајбни пукаа под огромната температура, што можеше да се слушне и во јавувањето во живо на пладневните вести на Телма.

На терен постојано пристигнуваа нови противпожарни возила и нови цистерни со вода. На лице место пристигнаа и екипи на Итната помош. Огнот според МВР бил пријавен во 11:15 минути. Огнот почнал по електричен спој на машина за мелење на железо. Огнот брзо зафатил од натрупаните стари автомобили. Почнала интервенцијата, а за брзо време, густ облак чад се подигна од местото и носеше опасни материјали во правец на главниот град.

Пожарот избувна во непосредно соседство на плацот со хаварисани возила кој изгоре лани. Според првичните информации станува збор за истата фирма лоцирана во Визбегово односно во општина Шуто Оризари.

Преку бројот 112 е добиена пријава за пожар во Шуто Оризари. Според пријавата, станува збор за запалена машина за мелење железо на улица 1675, број 24, во скопската населба Шуто Оризари.

На истата адреса, според Централниот регистар е фирмата АСД Метал Груп која има отпад. Лани во Визбегово, изгоре друг плац со отпад на АСД Метал Груп, а во февруари обвинителството на тројца сопственици и управители и на фирмата им поднесе обвинение за загрозување на животната средина и природа, со отпад.

„Градот Скопје нема да дозволи неодговорното однесување и создавањето диви депонии да го загрозуваат здравјето на граѓаните и животната средина. Секој што го загрозува јавниот интерес, мора да сноси одговорност!“, напиша на ФБ Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Но, одговорноста за денешниот пожар допрва ќе се бара со истрага кога огнот ќе биде изгаснат. А чадот веќе го посети поголемиот дел од Скопје.

Два часа откако беше пријавено дека избувнал пожар во Визбегово  чадот ја смени бојата од густ, црн чад стана сив. Тоа значеше дека пожарникарите успеале да го локализираат и да ги изгаснат клучните точки на пожарот. Но последиците еколошки останаа.

Од високо се гледаше дека ветрот го донесе чадот и отровите во него, на опасно ниско над куќите во Визбегово. Сите околу пожарот беа предупредени да носат маски за да се заштитат од чадот. Последиците допрва ќе  се мерат.

Миомир Серафиновиќ

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Финансова со кривични пријави за измама тешка над 50 милиони денари со ИПАРД средства

Дејан Дејан

Уапсен е потпалувачот на пожарот во Горно Оризари

Дејан Дејан

(фото)Поројниот дожд однесе дел од улицата „Дебарска“ во Битола, жителите со години бараат реконструкција

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе