Мнозинството ја испрати техничката влада во историјата. Седумдесет пратеници го притиснаа зеленото копче, наспроти единаесет кои гласаа „против“. Седницата траеше неколку часа, помина со бројни процедурални забелешки и неколку паузи. Кулминираа препукувањата на релација власт и опозиција.
„Треба да дојдете до вашата крајна цел, а тоа е да не учествувате на следните парламентарни избори“, кажа Горан Минчев, министер за јавна администрација.
„Најмалку имате право да зборувате за СДСМ, затоа што вие со СДСМ завршивте“, одговори Јована Тренчевска, пратеничка од СДСМ.
Опозицискиот Европски фронт предводен од ДУИ ја напушти седницата, откако претходно бараа прашањето за измени во Законот за Влада да го разгледува Комитетот за односи помеѓу заедниците, со оценка дека укинувањето на Пржинската влада значително ги засегнува меѓуетничките односи.
Социјалдемократите останаа убедени дека општеството не е зрело за укинување на моделот, а мнозинството застана во одбрана на измените на законот, предложени од Владата.
„Вака еднострано укинување на ваква преодна влада, без да се почитуваат тие насоки и принципи на којашто била усвоена, не може во ниту еден момент да се прикаже како некаква реформа или напредок на општествениот систем“, кажа Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ.
„Совет на Европа вели дека сме зрела демократија, Совет на Европа вели дека сме способни и имаме институции да ги преземат процесите. А, вие наместо да бидете малку покреативни како опозиција и да смислите подруги теми, овде зборуваме за уривање на институциите“, одговори Љупчо Пренџов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Знаете што е чудно, а сум го забележал?! Недостатокот на конзистентноста. Ставовите околу овие прашања се менуваат врз основа на седиштата каде што седат пратениците“, рече Зијадин Села, пратеник од Алијанса за Албанците.
„Мислам дека е праведно сите заедно да покажеме политичка зрелост и да го поткрепиме укинувањето на техничката влада“, вели Аднан Азизи, пратеник од Вреди.
Законското решение предвидува елиминирање на досегашниот модел по следните избори, а не веднаш. Техничката влада се применува од 2016 година.
Петар Догов
