Обвинетиот апелационен судија Ѓоко Ристов е во домашен притвор во непријавен стан, но иако не оди на работа си добива плата од Апелациониот суд во Скопје. Обвинет е за непријавување на имот бидејќи обвинителството тврди дека 350 илјади евра најдени во ѕид во кучата на неговите родители во Неготино се негови. Во тек е постапката за одобрување на обвинението.
Обвинителниот акт е доставен до одбраната на обвинетиот судија Ѓоко Ристов и течат роковите за одговор, не известија од скопскиот Кривичен суд во чиј оддел за организиран криминал е предметот за 350-те илјади евра најдени заѕидани во ѕид во родната куќа на Ристов во Неготино. Обвинителството вчера на брифинг соопшти дека на фолијата со која биле завиткани еврата се најдени биолошки ДНК траги на судијата Ристов. Тој е обвинет за непријавување и прикривање имот и за перење пари, и повторно му е определен домашен притвор.
Иако е во притвор, Ристов е суспендиран, ама си добива дел од платата како апелационен судија во Скопје. Притворот како мерка го издржува во станот во Тафталиџе кој воопшто не му е пријавен во имотниот лист доставен во Антикорупциската комисија. Откако КОД на Телма, на почетокот на февруари објави дека станот од 143 квадрати не му е пријавен од вселувањето во 2021-ва до денес, Судскиот Совет разгледал можности за разрешување на судијата поради непополнување на анкетен лист. Но, било утврдено дека поминале три години од прекршокот и Ристов не може да биде разрешен. Непријавување на имот е законска основа за покренување на постапка за разрешување на судија.
Иако информацијата беше објавена пред повеќе од два и пол месеци, Ристов кој е во домашен притвор се уште не го ажурирал анкетниот лист за својот имот во ДКСК. Обвинителството во истрагата го разгледувала и станот за кој според документите утврдиле дека судијата го добил како подарок од својот татко. Не утврдиле кривично дело, бидејќи вредноста на станот не ги надминува примањата на Ристови и одговара на кредитот со кој е купен. Од друга страна, пак за 350 илјади евра најдени во куќата во Неготино обвинителството тврди дека нема докази за стекнување со продажба на ниви.
Миомир Серафиновиќ
