Уставниот суд ќе го преиспитува Колективниот договор за култура. Откако адвокатот Томислав Стефков поднесе иницијатива за оценување на неговата уставност и законитост, судиите на денешната седница изразија сомнеж дека договорот е спротивен и на законите и на Уставот. Според судијата известител Татјана Васиќ – Бозаџиева, спорно е што платите се пресметувале според Колективниот договор, а не согласно Законот за култура.
„Законот за култура не ја утврдува конкретната методологија за пресметка на платите, не утврдува коефициенти на сложеност и не предвидува јасна формула за пресметка. Наместо тие суштински елементи да бидат уредени со закон, тие се уредени исклучиво со Колективниот договор“, изјави Татјана Васиќ – Бозаџиева, судија известител во Уставниот суд.
Според Бозаџиева, спорен е и членот 78љ од Законот за култура со кој требало да се уредат платите и додатоците на плати во културата, а со него се остава основачот да го реши тоа прашање. Во врска со платените отсуства од работа за доусовршување дома или во странство, од членот 53 од Колективниот договор, судијата Осман Кадриу констатира дека останатите вработени од јавниот сектор се дискриминарани, зашто немаат такви поволности како вработените во културата.
„Сме докторирале надвор од земјата, па не сме можеле да помислиме на еднонеделно платено отсуство, а не платено отсуство три години. Која земја со нејзиниот капитал може да издржи вакви давачки?“, прашува Осман Кадриу, судија во Уставен суд.
Но, според судијата Добрила Кацарска, во Колективниот договор нема ништо неуставно. На забелешката на иницијаторот за оценување на уставноста на договорот дека по неговото склучување не бил пратен во Финансии за мислење, Кацарска со одговор дека во 2019 година немало таков Правилник.
„Овој Колективен договор е склучен во 2019 година, кога всушност ваква обврска за барање мислење од Министерството за финансии не постои. Правилникот е донесен во 2020 година, а уште повеќе во 2022 година, овој суд со своја одлука го укинал членот 2, став 2, алинеа 6 од Правилникот“, посочи Добрила Кацарска, судијка во Уставен суд.
Денешната расправа е прв чекор кон укинување на Колективниот договор, негово поништување или запирање на постапката. Уставниот суд треба да донесе конечна одлука во следниот период.
Иницијативата за оценување на уставноста на Колективниот договор се случува цела година по конфронтациите меѓу СКРМ и Министерството за култура, за начинот на пресметка на платите во секторот.
Сотир Трајков
